Култура
Општините треба да го следат примерот на Крива Паланка за развој на културата, порача министерот Љутков
Крива Паланка заслужено ја носи титулата Град на културата за 2024 година , бидејќи од она што го видов можам да забележам дека овде се одржуваат огромен број на културни манифестации од театарската и ликовната уметност, од фолклорот и други области. Но, она што особено ме израдува е Фестивалот на храна и занаетчиство, бидејќи Министерството за култура и туризам од следната година многу посилно ќе ги поддржува проектите од креативните и културни индустрии“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков при посетата на Крива Паланка.
На официјалната средба со градоначалникот Сашко Митовски, министерот беше запознаен со реализацијата на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата”, со тековните и планираните активности, а исто така се разговараше и за актуелните предизвици околу децентрализацијата на културата.
„ Забележав дека се финансираат голем број проекти не само министерството, туку и од локалната самоуправа. Така, во Центарот за култура кој е национална установа и општината инвестира големи средства, што претставува добра симбиоза помеѓу централната и локалната власт и што треба да го практикуваат и другите градоначалници, а исто така е и тенденција во наредните години“, рече Љутков.
Министерството за култура ја финансира манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата” со 3.милиони денари.Минатата година 800.000 денари од буџетот на министерството се инвестирани во проектна документација за реконструкција и адаптација на Центарот за култура, а планот е со буџетот на министерството за 2025 година да се издвојат повеќе средства за блок-дотации на општините за поддршка на културата.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, пак, истакна дека во рамките на манфестацијата „Град на културата“ годинава ќе се реализираат над 120 настани за што се вложуваат сериозни средства од општинскиот буџет.
„Крива Паланка навистина си го гради имиџот и според бројот на жители и финансиски капацитети вложува многу во културата што ја прави поразлична од останатите општини. Оваа година од локалниот буџет издвојуваме повеќе од 12 милиони денари за програмата за култура, но и за поддршка на културни работници и културни здруженија. Во споредба со останатите општини тоа е сериозен аргумент зошто Крива Паланка ја оправдува титулата „Град на културата“. За идните планови потребна ни е поддршката од Министерството за култура и туризам, заеднички да вложуваме, зашто овие настани имаат сериозен импакт кон јакнење на локалната економија и тоа е дополнителен факт дека и културата е во насока на јакнењето на туризмот“, подвлече Митовски.
Министерот Љутков ги посети и НУ Центар за култура Крива Паланка и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, како и манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски“, каде во претстојните денови ќе се чествуваат двата големи празници, Успение на Пресвета Богородица и празникот на патронот на манастирот и на градот. Тој им ги честиташе празниците на верниците и граѓаните и беше гостин на концертот “Македонијо во срце те носиме” што се одржа на Градскиот плоштад во Крива Паланка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

