Свет
Голем напад на Русија врз Украина, експлозии во Киев, Харков, Одеса, Запорожје
Русија утрово изврши голем напад врз Украина со ракети и дронови, а експлозии се слушнаа во центарот на Киев, Харков, Одеса, Запорожје, Днепар и други украински градови.
Сирените за воздушен напад се огласија во 6:00 часот по локално време, јавува Kyiv Independent и наведува дека во Киев се слушнале силни експлозии нешто пред 8:30 часот, а неколку минути подоцна одекнале уште неколку детонации.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека дошло до прекин на електричната енергија во неколку делови на главниот град на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ким Џонг-Ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун ги обвини САД за провокации и ескалација на тензиите, велејќи дека Корејскиот Полуостров никогаш не се соочил со такви ризици од нуклеарна војна како сега, објави во петокот државниот медиум КЦНА.
„Никогаш досега завојуваните страни на Корејскиот полуостров не се соочиле со толку опасен и акутен конфликт што може да ескалира во најразорната термонуклеарна војна“, рече Ким во говорот на изложбата на оружје во Пјонгјанг во четвртокот.
„САД имаат агресивна и непријателска политика“
Тој исто така рече дека од неговото претходно искуство во преговорите со Вашингтон, добил само дополнителна потврда за неговата „агресивна и непријателска“ политика против Пјонгјанг.
„Во преговорите со САД веќе отидовме колку што можевме, но она во што се уверивме од резултатите не е подготвеноста на суперсилата за коегзистирање, туку нејзиниот фундаментален однос на моќ и нејзината агресивна и непријателска политика кон нас, која никогаш не може да се промени“, рече Ким, а пренесе КЦНА.
За време на првиот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, тој и Ким одржаа три средби во Сингапур, Ханој и на корејската граница во 2018 и 2019 година. Но, нивните дипломатски напори не постигнаа конкретен исход поради разликите меѓу американските повици за Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и барањата на Ким за укинување на санкциите, потсетува Ројтерс.
Трамп долго време ги промовираше своите врски со Ким, велејќи минатиот месец дека двете земји „би имале нуклеарна војна со милиони убиени луѓе“, но ја спречил благодарение на нивната врска.
Севернокорејските државни медиуми сè уште јавно не го спомнаа реизборот на Трамп за претседател на САД.
Во говорот во четвртокот, Ким повика на развој и надградба на оружјето до „ултрамодерно“ и вети дека ќе продолжи да ги подобрува одбранбените способности за да ја зајакне стратешката позиција на земјата, објави КЦНА од настанот на кој беа претставени стратешкото и тактичкото оружје.
Последниот говор на Ким дојде во време на меѓународна критика за продлабочување на воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва, при што Северна Кореја испрати повеќе од 10.000 војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.
Минатата недела, Ким ја повика својата војска да ги подобри способностите за војување, обвинувајќи ги САД и нивните сојузници за поттикнување на тензиите до „најлошата фаза во историјата“, нарекувајќи го Корејскиот полуостров „најголемо жариште на светот“.
Европа
Зеленски: Путин ве тестира, мора силно да одговорите
Претседателот Володимир Зеленски рече дека рускиот напад врз Украина со нов тип балистичка ракета е „јасна и сериозна ескалација“ во војната и повика на силна осуда од меѓународната заедница.
„Ова е јасна и сериозна ескалација на размерите и бруталноста на оваа војна“, рече Зеленски на Икс, по нападот на градот Днепар во центарот на земјата.
„Употребата на балистичка ракета против Украина е уште еден доказ дека Русија не е заинтересирана за мир“, рече тој и додаде дека Путин „го тестира светот“, дека тоа е она што го прави и дека само решителна реакција од Западот може да го спречи.
„Светот мора да одговори“, рече тој. „Засега нема силна реакција од светот“.
Рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање изјави дека Русија во четвртокот истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев.
Во коментарите на Икс, Зеленски рече дека признавањето на Путин за употребата на новото оружје е уште една ескалација во војната, која сега трае повеќе од 1.000 дена, по распоредувањето на севернокорејските трупи на руска територија.
„Путин не само што ја продолжува војната, тој им плука во лице на оние во светот кои навистина сакаат да го вратат мирот“, напиша тој.
„Светот мора да одговори. Во моментов нема силна реакција од светот… Недостигот на остри реакции на постапките на Русија испраќа порака дека таквото однесување е прифатливо“, осуди Зеленски.
Свет
Болсонаро е осомничен за обид за државен удар во 2022 година
Бразилската полиција повика на покренување обвинение против поранешниот претседател Жаир Болсонаро за заговор за „државен удар“ во 2022 година во обид да го спречи сегашниот лидер Луис Инасио Лула да Силва да ја преземе функцијата.
Полициските иследници заклучија дека Болсонаро и уште 36 лица планирале „насилно рушење на демократската држава“, се вели во полициското соопштение.
„Во четвртокот федералната полиција заврши истрага за постоење на криминална организација која дејствувала координирано во 2022 година во обид да го задржи тогашниот претседател на власт“, се вели во соопштението.
„Конечниот извештај е испратен до Врховниот суд со барање за обвинение против 37 лица за кривични дела насилно уривање на демократска држава, државен удар и криминална организација“, се вели во соопштението.
Сега бразилскиот јавен обвинител одлучува дали наводите се доволно потврдени за да се покренат кривични пријави. Доколку бидат прогласени за виновни, обвиненијата за обид за државен удар предвидуваат казни до 12 години затвор.