Македонија
Филипче: Паднаа во вода ветувањата за одговорноста што ја ветуваше Мицкоски со случаите поврзани со спикерот Гаши

Паднаа во вода ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски дека ќе има одговорност за сите функционери што се огрешиле од законот. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање каков став ќе заземе Социјалдемократскиот сојуз во однос на интерпелацијата за собранискиот спикер, Африм Гаши.
„МВР детектираше и за тоа има писмен документ, несоодветно однесување и неправилно постапување од страна на собранискиот спикер, така што паднаа во вода ветувањета на ВМРО-ДПМНЕ за одговорност на функционерите“, потенцира Филипче.
Според него, главното прашање е зошто ВМРО-ДПМНЕ не почне постапка за смена на собранискиот спикер во контекст на сите нивни најави и изјави за одговорно работење на кој било функционер којшто е поставен на која било позиција.
Филипче истакна дека пратеничката група на СДСМ ќе има координација во однос на ова прашање оваа недела, по што ќе ја информира јавноста за нивната позиција. Собраниската седница на која точка на дневен ред е интерпелација за работата на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија – Африм Гаши е закажана за 3 септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и температури до 19 степени

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на влажни воздушни бранови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок.
Македонија
Тоневски: Пробиштип ќе добие нова населба за млади брачни парови, градски базен и Дом за стари лица

Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека се потребни промени во општината бидејќи нема реализација на ниту еден капитален проект изминатите осум години.
„8 години изгубивме! 8 години без ниту еден капитален проект! Ајде самите се запрашајте, колку проекти се направија овие 8 години, од празна земја до функционален објект? Ниту еден! Заедно со вас граѓаните, ја подготвивме програмата за развој на Пробиштип. Составена од над 160 проекти, со јасни чекори и мерки. Ќе направиме нова индустриска зона за незагадувачка индустрија. Ќе изработиме Водич за инвеститори. Ќе привлечеме нови инвестиции, нови компании“, рече Тоневски.
Тоневски истакна дека Лесново и Пониква ќе станат туристички атракции, а воедно и дека за младите ќе се направи нова населба и општината ќе добие нов базен и Дом за стари лица.
„Лесново и Пониква се нашите туристички бисери. тие ќе станат вистинска туристичка атракција. Во Пониква ќе изградиме детско одморалиште за летни и зимски кампови за нашите ученици. За младите ќе направиме нова населба, со плацови од 1 евро за квадрат и со намалување на комуналиите за младите брачни парови до 35 годишна возраст. Ќе го реконструираме игралиштето во Злетово, ракометното и повеќенаменското игралиште во Пробиштип. Сега, Пробиштип ќе добие нов градски базен. Зградата на поранешниот Интернат ќе ја реконструираме во Дом за стари лица, На секое семејство ќе му помогнеме со субвенции за клими, замена на прозори и енергетски ефикасни фасади“, вели Тоневски.
Македонија
Гаши-Пелегрини: Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието оствари средба со претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците ја потврдија одличната билатерална соработка меѓу двете држави и изразија подготвеност за нејзино дополнително унапредување на сите нивоа.
Претседателот Гаши му посака добредојде на претседателот Пелегрини и истакна дека континуитетот на политичкиот дијалог и долгогодишната поддршка од Словачка во рамките на Европската Унија и НАТО претставуваат значаен поттик за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
Тој се заблагодари за конзистентната и принципиелна поддршка на Словачка за европските интеграции на нашата земја, како и за активната улога на Словачка во рамките на Вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.
Во рамките на разговорот, Гаши ја поздрави иницијативата на Словачка за поттикнување на економската ресоцијализација на регионот на Западен Балкан, како и потпишувањето на новиот Меморандум за економска соработка помеѓу министерствата на двете земји, кој ќе создаде нови можности за зголемена трговска размена и инвестиции.
Беше истакнато и значењето на Парламентарниот институт при Собранието на РСМ, кој соработува со сличните институции во Братислава, а словачкиот Парламентарен институт има важна менторска улога во процесот на неговото институционално јакнење.
Претседателот Пелегрини, од своја страна, уште еднаш ја потврди поддршката на Словачката Република кон Северна Македонија, нагласувајќи дека ја смета нашата земја за искрен и пријателски партнер. Тој истакна дека Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија и, како инвеститор во земјата, ќе продолжи да придонесува за нејзиниот институционален и економски развој. Пелегрини додаде дека ваквите односи сигурно ќе се продлабочуваат во сите сегменти на соработката и во годините што следат.
На крајот, двајцата соговорници се согласија дека парламентарната дипломатија претставува суштински сегмент во развивањето на пријателските односи меѓу двете држави, како и дека постои простор за продлабочување на соработката во културата, образованието и економијата.