Македонија
Муцунски од Загреб: Хрватска е наш пријател, НАТО сојузник и силен поддржувач за нашето ЕУ-интегрирање
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес, на покана на министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, престојува во работна посета на Република Хрватска. Во рамки на посетата, тој оствари одвоена средба со својот домаќин и учествуваше на посебната сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, каде што се обрати на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус: Европа – локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“.
На средбата со хрватскиот министер за надворешни работи, двајцата министри ги поздравија одличните билатерални односи со интензивен политички дијалог, конструктивна соработка во сите области од заеднички интерес, НАТО-сојузништво и пријателство кое се негува во изминатите 32 години. Притоа заеднички констатираа дека претстојното усвојување на Заедничката изјава меѓу премиерите Мицкоски и Пленковиќ е токму во тој правец – да се потврди европската иднина на земјата и заемната волја за натамошно интензивирање на билатералната соработка.
Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка на Хрватска во процесот на нашето ЕУ-интегрирање, што има значење за развојот на регионот и за стабилноста на Европа. Во оваа насока, министерот Радман ја потврди хрватската позиција за поддршка на ЕУ-проширувањето и реформскиот процес на нашата земја, со цел побрзо интегрирање во Унијата. Муцунски и Радман разменија мислења и ставови околу актуелните регионални и глобални предизвици, со цел поголема координација и засилена соработка на тој план.
Посебен фокус во разговорите беше ставен на економската соработка, при што беа разгледани можностите за нејзино интензивирање. Муцунски ја искористи оваа прилика да информира за новата надлежност на Министерството кое го предводи, и во таа смисла ja нагласи потреба од зајакнување на економските и надворешно-трговските потенцијали за соработка.
Во рамки на посетата на Загреб, министерот Тимчо Муцунски се обрати и на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, зборувајќи на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус: Европа – локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“.
Во своето обраќање, Муцунски нагласи дека пријателството меѓу Северна Македонија и Хрватска е одличен пример за тоа што може да се постигне кога народите работат заедно со дух на соработка и меѓусебно почитување.
„Нашата заедничка историја и аспирации поставија цврста основа за партнерство кое не само што им користи на нашите две земји, туку придонесува и за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Нашите билатерални односи се доказ за моќта на дипломатијата, покажувајќи како дијалогот и соработката можат да ги трансформираат предизвиците во можности. Во овие брзо променливи и сè понестабилни времиња, потребни се висока будност, стратешко размислување и проактивен ангажман во партнерство со што е можно повеќе земји-истомисленици. Тие бараат целосно искористување на нашиот надворешно-политички потенцијал, почнувајќи од традиционалната дипломатија до трговијата, хуманитарната помош и инвестициите“, истакна Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

