Скопје
(Видео) Јанчева: ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине блокадата на Советот и да ги гласа клучните проекти за Скопје
Скопје цели три години е заглавен град на кој му се случува историска катастрофа, која му ја нанесоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Првин ја донесоа Арсовска на градоначалничката позиција, а потоа, откако се скараа за рацете во медот, почнаа да ја блокираат работата на Град Скопје преку мнозинството во Советот, вели Љубица Јанчева од СДСМ.
Затоа Скопје е во ваква хаотична состојба.
Наместо, како што вели, да носат одлуки и да работат за доброто на скопјани, оние што го уништија Скопје веќе подолг период меѓусебно се расправаат врз грбот на скопјани кој е виновен за хаосот што тие го направија.
„Тоа денеска треба да заврши. Ниту ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ниту, пак, Арсовска не може да побегне од одговорноста за хаосот што го направија во Скопје.
Советничката група на СДСМ и коалицијата на денешната седница на Советот очекува престрелките за тоа кој е виновен да завршат конечно и колку толку во периодот што следува, до крајот на мандатот, да направат нешто за Скопје и скопјани. Затоа, впрочем, и беше средбата на Арсовска со Мицкоски“, додава таа.
Од ВМРО-ДПМНЕ како мнозинство и од Арсовска, како што нагласи, очекуваат, конечно, да се усогласат, да се договорат и да ги поддржат проектите и програмите што се во интерес на скопјани. Наместо блокади, според неа, ВМРО-ДПМНЕ во Советот да ја поддржи одлуката за потреба од набавка на нови еколошки автобуси, кои заедно со Арсовска им ги ветија на скопјани, како што заедно го ветија и бесплатниот јавен превоз за кој абер нема да се реализира.
Очекуваат да го поддржат проектот за модерен еколошки транспорт – БРТ.
„Да ги поддржат:
Програмата за дополнителни активности на ЈП „Комунална хигиена“; Програмата за заштита на животната средина,
Програмата за активности од областа на сообраќајот; Развојниот план за јавен превоз на патници во град Скопје;
Програмата за локален економски развој;
Програмата за заштита на Паркот на природата Гази Баба;
Програмата за заштита на природата за заштитниот предел Водно;
Програмата за енергетска ефикасност и сите измени и дополни на програмите што произлегуваат од ребалансот на буџетот, кој е изгласан.
Заглавени се многубројни и значајни проекти. Скопје е во тотален хаос, скопјани тоа не го заслужуваат.
Блокадите на советниците на ДПМНЕ и меѓусебните опструкции прават огромна штета и мора да прекинат.
Скопје се дави во смет, нечисто е, секојдневно никнуваат нови депонии, нема трага од исчистените 82 во првите 82 дена, нема ново зеленило, нема нови велосипедски патеки, нема нови булевари, нема ништо од ветеното во програмата „За модерно Скопје“.
Јавниот превоз е во катастрофална состојба и пред колапс, недостигаат стотина автобуси за редовното одвивање на возниот ред, а оние што ги има, се нередовни, се расипуваат, па дури и се палат, со што се и небезбедни.
Се наоѓаме пред почетокот на новата учебна година, изгласувањето на одлуките е најмалку што во овој момент може да направат ДПМНЕ и Арсовска.
Советничката група на СДСМ и коалицијата се и ќе бидат конструктивни како опозиција во Советот.
Ќе ги поддржиме овие одлуки за доброто на скопјани“, децидна е Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
(Видео) Герасимовски: Преку Сервисот за стари лица, нашите сограѓани добиваат помош, грижа и човечка топлина во домот
Општина Центар продолжува да обезбедува непосредна поддршка за своите повозрасни сограѓани преку проектот „Сервис за стари лица – Центар се грижи за возрасните“.
Една од корисниците е 72-годишната Снежана Димовска, која се движи со потешкотии и веќе четири години ја користи услугата. Од самиот почеток таа ја има истата негувателка Јулијана Алексоска Анчевска, која трипати неделно по два часа ѝ помага во одржување на личната хигиена, движењето, домаќинството, посетите кај лекар и набавката на лекови. Преку оваа поддршка, Снежана не само што ја добива неопходната помош во секојдневието, туку го поминува времето во разговор, социјализација и добро расположение, информира општина Центар.
„Станува збор за многу успешен проект од кој корисниците се исклучително задоволни. Со оваа услуга, која општина Центар ја спроведува во соработка со невладината организација „Хуманост“, обезбедуваме директна грижа и поддршка за повозрасните жители во нивните домаќинства. Месечно услугата опфаќа околу 100 жители“, потврдува и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Преку проектот на нега за стари лица, корисниците бесплатно добиваат помош и поддршка од стручни и обучени лица, вклучително негуватели, физиотерапевт и социјален работник, директно во својот дом.
Право на користење на услугата имаат лица постари од 62 години, кои се корисници на пензија или социјална помош, со месечни примања до 35.000 денари и со живеалиште на територија на Општина Центар, се додава во соопштението.
Македонија
8.000 денари еднократна финансиска помош за секое новороденче во општина Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува зголемена финансиска поддршка за секое новородено дете. Од оваа година, секое семејство ќе добива 8.000 денари еднократна финансиска помош, како конкретна поддршка во најубавите, но и најодговорни моменти од родителството, велат од Општината.
Со оваа мерка, Општината испраќа јасна порака за посветеност кон семејството, децата и демографскиот развој, како и континуирана грижа за младите брачни парови кои ја градат својата иднина во Ѓорче Петров.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека оваа одлука е дел од пошироката визија за зајакнување на семејството како темел на локалната заедница:
„Секое новородено дете е нов почеток, надеж и наша заедничка одговорност. Со оваа зголемена финансиска поддршка испраќаме јасна порака дека стоиме зад младите семејства и дека инвестираме во животот од самиот почеток. Грижата за децата не е трошок, туку највредната инвестиција во иднината на нашата општина.“
Финансиската поддршка од 8.000 денари претставува директна помош за родителите, но и симбол на општинска политика насочена кон создавање сигурна, стабилна и охрабрувачка средина за раст, развој и достоинствено детство, додаваат од Општината.

