Манифестации
Францускиот „Father“ победник на „Анимакс Скопје Фест“
Францускиот анимиран филм „Father“ (Татко) на Сантјаго Бу Грасо ја освои првата награда, Златна Тула, на четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, што се одржуваше од 4ти до 6ти декември во Кинотека на Македонија.
На затворањето на фестивалот, во сабота беа доделени и останатите награди. Сребрената Тула му припадна на „Man on the chair“ (Човек на столчето) во француско-јужнокорејска продукција, а Бронзената Тула на „Castillo Y El Armado“(Кастиљо и наоружаниот) од Бразил.
Наградите ги додели жири-комисијата во состав на Мими Ѓоргоска-Илиевска од Кинотека на Македонија, Андреј Рубетској од Русија – режисер, аниматор, сликар и сценарист, Дорис Бауер од Австрија – ко-директор на филмскиот фестивал за краток филм Еспресофилм и главен куратор на меѓународната програма за фикција и документаристика при VIS Vienna Independent Shorts и Диме Ратајкоски – главен и одговорен уредник на МРТ и автор на повеќе од 50 документарни емисии,филмови и репортажи.
Наградите Златна и Сребрена Тула ги подигна Бранко Чобанов од Францускиот институт во Македонија.
За најдобар филм за деца, пак, беше прогласен „Space Dog Family“ (Семејството вселенски кучиња), а наградата ја прими гостинот од Русија, Андреј Рубетској, кој е дел од тој проект. За него гласаа дечињата во трите фестивалски денови.
На третиот фестивалски ден се одржаа две работилници. Едната беше наменета за дечињата, а ја водеше Андреј Рубетској.
На втората работилница за 2д анимација, Европската филмска академија Париз-Скопје-Њујорк Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности – ЕСРА додели три стипендии од по 3.000 евра на најдобрите учесници: Мила Симовска, Дона Дамевска и Исак Вишњовиќ.
Оваа година мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“. На 4. „Анимакс Скопје Фест“ беа прикажани 52 филмови, од кои 44 за возрасни и осум за деца. Се пријавија рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, а селектор на програмата беше Благоја Куновски Доре.
Организаторите се презадоволни од овогодишното издание на фестивалот и полната сала во трите денови во рамки на кои беа прикажани по 100 минути анимација.
„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.