Свет
Маж од Полска четири години чувал жена заробена во штала: ја запознал на интернет, ја силувал и ја мачел
35-годишен Полјак е осомничен дека држел 30-годишна жена, која ја запознал на веб-страница за запознавање, четири години заробена во штала, ја силувал и ја мачел, пренесува „Телеграф“.
Тие двајца се запознале на интернет, а потоа во 2019 година сопругата на осомничениот Матеуш Ј. отишла во посета на едно мало село кај Глогово на запад од Полска.
Обвинителите рекоа дека жртвата немала пристап до струја, вода, тоалети или средства за хигиена. Поминала четири години во штала, каде што порано имало животни. Никој од соседите на осомничениот не се посомневал ништо.
Жртвата раскажала дека доколку не ги исполнела неговите сексуални очекувања, тој ја тепал, ја мачел и изгладнувал. Наводно таа се породила во блискиот град Нова Сол, а тој ја принудил да го даде детето на посвојување.
„Не можев да им ја кажам вистината на лекарите. Се плашев, а тој ми се закануваше дека ќе биде полошо ако се пожалам“, вели жртвата. За време на затворањето уште неколкупати била хоспитализирана поради разни повреди. Минатата недела повторно, а потоа ги предупредила лекарите, кои повикале полиција.
Полјакот, кој беше уапсен во петокот, ги негира обвиненијата и се соочува со затворска казна до 25 години под обвинение за ментална, физичка и сексуална злоупотреба.
35-годишникот странските медиуми го нарекуваат полскиот Фрицл. Инаку, Џозеф Фрицл беше еден од најозлогласените австриски криминалци, кој 24 години ја држел својата ќерка заробена во зандана под куќата. За тоа време родила седум деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.
Свет
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Свет
Трамп: Најновите документи за Епстин ме ослободуваат од обвинувањата
Американскиот претседател Доналд Трамп, реагираше на објавувањето на повеќе од три милиони страници документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, тврдејќи дека документите го ослободуваат од обвинувањата.
– Не сум ги видел документите лично, но некои многу важни луѓе ми кажаа дека тие не само што ме ослободуваат, туку покажуваат спротивно од она што радикалната левица и другите го очекуваа, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“, пренесува „Тајмс“.
Трамп, кој призна дека бил пријател со Епстин, повеќепати негираше каква било вмешаност или сознанија за неговите сексуални злодела, истакнувајќи дека нивното пријателство завршило пред многу години.
Министерството за правда на САД предупреди дека објавените документи можат да содржат „невистинити и сензационалистички“ тврдења за Трамп.
Министерството за правда на САД завчера објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видео-снимки и 180.000 фотографии во рамките на новата серија материјали поврзани со случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.

