Македонија
Влада: 53 милиони денари за водоводи и канализации во повеќе општини
Владата денеска ја одржа 17тата седница, на која ги донесе следните одлуки.
Владата ја усвои информацијата за финансиски средства за реализација на проектот: Изградба на главен колектор и станица за пречистување на отпадни води во с. Трпејца, општина Охрид.
Проценетата инвестициона вредност на проектот за изградба на главен колектор и станица за пречистување на отпадни води во с. Трпејца, општина Охрид е 68 милиони денари со вклучен ДДВ и средствата ќе бидат обезбедувани во Буџетот на Министерството за транспорт. Рокот за изведба на планираниот проект би изнесувал околу 8 календарски месеци.
Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства од над 53 милиони денари за изградба на водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација во повеќе општини.
Имено Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства во износ од 21 милион денари за изградба на атмосферска канализација на дел од улиците „Илија Алексов“, „крак на улица 8“, „улица 8“, „улица 9“ во УБ15, општина Радовиш. Планирано е набавката за реализација да започне во месец септември 2024 година.
Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства во износ од 21 милион денари за изградба на фекална канализација на дел од ул. Кленоец и изградба на атмосферска канализација на дел од ул. Кленоец, општина Охрид. Планирано е набавката за реализација да започне во месец октомври 2024 година.
Министерството за транспорт обезбеди финансиски средства во износ од 11,1 милиони денари за реконструкција на водоводна мрежа и реконструкција на мешовита канализациона мрежа на ул. „11 Март“, ул. „Панде Николов“, ул. „Козара“ и ул. „Чеде Филиповски Даме“, општина Битола. Планирано е набавката за реализација да започне во месец септември 2024 година.
Владата на предлог на Министерството за транспорт донесе одлука за давање на право на трајно користење на градежно земјиште сопственост на Македонија на општина Велес за изградба на нова катна гаража за потребите на граѓаните на Општина Велес.
Исто така со оглед дека се зголемени трошоците за производство на пченица, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на владина седница се донесе одлука преку интервентна програма да се додели финансиска поддршка по килограм на производителите на пченица кои продале пченица кај регистриран откупувач во висина од 3 денари по килограм предадена пченица.
Поддршката на домашното производство на пченица како најзначајна стратешка култура е многу значајна за да се обезбеди државата со поголема количина на жито од домашно производство, се со цел да се намали зависноста од увоз.
Воедно, се донесе одлука за зголемување на субвенциите на јачмен по хектар, со што од досегашните 6.000 денари, производителите на јачмен ќе добијат 100 процентно зголемување по хектар, и тоа на 12.000 денари.
Оваа измена се врши поради нарушување на пазарот во производството и продажбата на јачмен за 2024 година кој изнесуваше 9 денари по килограм. За таа цел Владата донесе одлука да се интервенира и да ја покрие загубата кај производителите на јачмен.
Со ова зголемување од 100 проценти, односно од 6.000 на 12.000 денари Владата директно им помага на производителите на јачмен да ја покријат загубата.
Владата ги донесе следните кадровски решенија:
Ивица Боцевски е именуван за специјален претставник на Владата при унгарското претседателство со Советот на Европската Унија.
Јетон Сума е именуван за директор на Службата за просторен и информативен систем.
Пеце Стојковски е именуван за вршител на должноста директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола.
Ерол Абдиу е именуван за вршител на должноста заменик директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола.
Блерим Сулејмани е именуван за вршител на должноста заменик директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
Кашмир Салиу е именуван за вршител на должноста заменик на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.
Фикрет Шабани е именуван за вршител на должноста директор на Управа за електронско здравство.
Зоран Пејковски, на предлог на министерот за култура е именуван за директор на Културно – информативниот центар на Македонија во Софија, Република Бугарија.
Африм Идризи на предлог на директорот на Управата за извршување на санкции е именуван за в.д. заменик директор на КПД Затвор Скопје.
Билјана Стефаноска е именувана за вршител на должноста директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

