Македонија
ИЈЗ потврди морбили кај 12-годишно дете: се работи за увезен случај од Србија
Институтот за јавно здравје потврди нов, втор случај годинава, на морбили кај дванаесетгодишно дете од Долно Коњари, општина Петровец. Детето добило симптоми по престој во Србија, во подрачје во кое има заразени со мали сипаници. Дома се вратило на 31 август, а семејството побарало помош на Инфективната клиника три дена подоцна.
„На 3 септември од Инфективната клиника до Институтот за јавно здравје препратено е 12-годишно дете, кое било суспектно на морбили и по направените анализи констатирано е дека детето е позитивно. Анализите се направени истиот ден кога е пристигнато детето, морам да потенцирам, и што е многу важно епидемиолошката анкета не е направена следниот ден, туку е направена истиот ден кога се добиени позитивни резултати за детето.
Се работи за импортиран случај од Србија. Детето престојувало во подрачје во Србија, конкретно во Нови Пазар, каде што веќе има појава на позитивни случаи на морбили“, извести денес директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Андоновска вели дека семејството од Долно Коњари има пет деца, од кои две не се вакцинирани против мали сипаници и одбиваат вакцинација. Родителите и самото дете во епидемиолошката анкета кажале дека контактите биле во кругот на семејството. Институтот направил анализи на сите што биле во контакт со заразеното дете, вклучително и на медицинските лица, и се следи нивната состојба.
Првиот потврден случај на морбили во земјата година е регистрирано во јуни кај дете од Лабуништа, Струга, кое исто како и детето од Долно Коњари, не било вакцинирано.
Андоновска апелира до матичните лекари, кога ќе имаат сомнеж за морбили, пациентите да ги препраќаат на Инфективната клиника или директно во Институтот за јавно здравје за да им бидат направени анализи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ со нови информативни табли и можност за плаќање со QR-код
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје, денеска успешно реализираше поставување на нови информативни табли со современ дизајн и вграден QR-код кој овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка.
Во рамки на напорите за дигитализација и модернизација, претпријатието денес започнува со замена на сите информативни табли со нов, модерен дизајн, како и поставување дополнителни табли за подобра информираност и полесна ориентација на корисниците. Новите табли содржат јасно означени податоци за зоните, тарифите и начинот на плаќање, а QR-кодот овозможува директен пристап до безбеден систем за електронско плаќање, без потреба од најава, регистрација или испраќање SMS порака, соопштија од таму.
Со едно скенирање, корисниците можат брзо и удобно да ја извршат уплатата, што претставува чекор напред во модернизацијата на услугите за паркирање во oпштина Центар.
„Воведувањето на QR-код системот е дел од нашата стратегија за дигитализација и поедноставување на услугите за граѓаните. Со ова решение, секој возач може за неколку секунди да го плати паркирањето без апликации, без регистрации и без дополнителни чекори. Нашата цел е да обезбедиме модерно, ефикасно и кориснички ориентирано паркирање во oпштина Центар,“ изјави Душко Коцевски, директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Овој проект е дел од континуираните активности на ЈП ПОЦ за унапредување на јавните услуги, подобрување на искуството на корисниците и воведување на иновативни дигитални решенија во интерес на граѓаните и посетителите на општина Центар.
Македонија
Официјализиран вториот мандат на градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски
Општинската изборна комисија, денес, официјално му го врачи Уверението за вториот мандат на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски. Според конечните резултати, на осмите локални избори, што се одржаа на 19 октомври 2025 година, уште во првиот круг, тој ја обезбеди довербата на граѓаните да ја води Општина Илинден и во наредните четири години.
Уверението за избран градоначалник на Општина Илинден, на градоначалникот Александар Георгиевски, му го врачи претседателот на Општинската изборна комисија, Гоце Крстевски, на пригодна свеченост што се одржа во конференциската сала на Домот на култура „Илинден“.
Уверенијата за избрани советници на Советот на Општина Илинден, ги примија и новите петнаесет советници:
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата:
1. Светлана Слезенковска
2. Благоја Митровски
3. Борче Најдовски
4. Миле Стојановски
5. Влатко Љубовски
6. Мери Стаменковска
7. Марко Младеновски
8. Лука Трифуновиќ
9. Сара Ѓорѓиевска
10. Христина Колевска
11. Марко Трпески
СДСМ и коалицијата:
1. Мишо Марковски
Левица:
1. Ацо Христовски
ВМРО – Народна:
1. Сашо Секуловски
Движење ЗНАМ:
1. Ивица Јовановски
Македонија
Герасимовски: Обезбедуваме 200 канти за отпад од домашни миленици со бесплатни кесички
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, денеска најави дека покрај обезбедувањето на нови канти за смет, се воведува и новина, 200 специјални канти за отпад од домашни миленици на територија на Центар.
„Покрај новите канти за смет, воведуваме и новина, специјални канти за отпад од домашни миленици, слични на овој модел што како прототип го изработивме во општината. Во нив ќе има и бесплатни кесички за сопствениците. Ова е одлично решение Едноставно, урбано и еколошки одговорно. Планираме да поставиме 200 вакви канти низ сите населби и паркови, за да обезбедиме чист и уреден јавен простор, каков што доликува на општина каква што е Центар“, рече Герасимовски.
Тој, информираше дека во следниот мандат се оди чекор понатаму, со вакцинација и микрочипирање на уличните кучиња и домашните миленици, со што хумано и системски се решава овој сериозен проблем создавајќи безбедна и здрава средина.

