Македонија
Објавен јавниот повик за субвенции за нови дестиниции до и од скопскиот и охридскиот аеродром
Министерството за транспорт го објави јавниот повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година.
„Во рамките на тригодишната програма за оваа намена предвидени се средства во висина од 360 милиони денари. Јавниот повик е отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполуваат следниве критериуми:
Да поседуваат уверение за исполнување на безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз
Да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година
Да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година
Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед:
Период на oперирање на дестинацијата
Број на неделни летови
Атрактивност на аеродромот кон кој оперира
Број на седишта понудени на продажба
Во однос на износот на финансиската поддршка таа ќе изнесува:
9 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје
12 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.
Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, не треба да биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони.
Понатаму, авиопревозникот кој е избран за корисник за финансиска поддршка е должен:
Секоја нова дестинација воспоставена до/од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува оваа финансиска поддршка треба да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање.
Да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации
На секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт
Краен рок за доставување на барањата за учество во постапката е 07 октомври 2024 година до 10:00 часот, во архивата на Министерството за транспорт.
Јавниот повик е објавен во Службен весник, на веб страната на Министерството за транспорт и врски, како и во домашни печатени медиуми и еден странски медиум“, велат од министерство за транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Коалицијата Менуваме“ ќе предложи закон за онлајн регистар за деца и млади со попреченост
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека подготвила нацрт-закон за онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби кој го споделува во јавноста за консултации и сугестии, по што ќе го достави во Собранието, Владата и во неколку министерства.
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека регистарот е дизајниран исклучиво за подобрување на институционалната координација, обезбедување континуитет на поддршката, намалување на административната дупликација и овозможување развој на информирани јавни политики преку агрегирани и анонимизирани податоци. Во сите фази од неговото воспоставување и употреба, како што наведува, регистарот целосно ќе ја почитува заштитата на личните податоци, приватноста, минимизирањето на податоците и ограничувањето на намената, во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди. Посочува и дека законот што го подготвиле не воведува нови механизми за категоризација или надзор ниту, пак, создава јавна база на податоци.
-Напротив, воспоставува строги контроли на пристап, јасно дефинирани институционални одговорности и робусни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, неовластен пристап или откривање на чувствителни информации. Децата и лицата со попреченост и посебни потреби се меѓу најранливите членови на општеството и им е потребна навремена, координирана и континуирана поддршка од повеќе институции. Остварувањето на нивните законски загарантирани права често зависи од ефикасноста, точноста и интероперабилноста на административните, социјалните, образовните, здравствените и другите јавни институции. Во огласност со принципите на човеково достоинство, еднаквост, недискриминација и најдобриот интерес на детето и лицето, овој нацрт-закон воспоставува онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби како безбеден, централизиран и нејавен електронски систем, се наведува во соопштението.
Јавната кокуникација за одготвениот нацрт-закон, додава „Коалиција Менуваме“ ќе биде ограничена на општа, објаснувачка и образовна содржина, обезбедувајќи целосно заштита на достоинството, приватноста и правата на децата и лицата со попреченост и посебни потреби.
-Со донесувањето на овој закон, Република Северна Македонија ја потврдува својата посветеност на инклузивно управување, дигитална одговорност и создавање систем кој одговара на реалните потреби на децата и лицата со попреченост и посебни потреби, ставајќи ги нивните права, достоинство и благосостојба во центарот на јавното дејствување, стои во известувањето.
Македонија
Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија
Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац. Притворот им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. односно поради опасност од бегство, за да не се влијае врз сведоците, за да не се повтори кривичното дело и поради можно нарушување на јавниот ред и мир, соопштија од тој суд.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно вечерва објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за издавање потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, со тоа што во текот на јануари набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогат преку границата до магацинот на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја земал за понатамошна продажба.
Оваа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција – претходната најголема заплена беше 1.960 килограми.
Македонија
Забрана за сообраќај поради снег на камиони од утрово на патот Маврово – Дебар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Како што информираат АМСМ и ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег со променлив интензитет утрово има во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот превој Буково врнежите се од дожд и снег.
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила поради врнежи од снег од 5.45 часот е воведена на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.

