Македонија
Димитровски од Ереван: ЕУ не треба да применува двојни стандарди кон кандидатите
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, од 9 до 11 септември предводеше делегација, која учествуваше на „Ереван дијалог форумот“, кој првпат се одржува оваа година во Ереван, Република Ерменија.
Во дебатата Димитровски нагласи дека на почетокот од 90-тите, по падот на Берлинскиот ѕид, имаше две клучни сценарија за иднината на светот, геополитиката и светскиот поредок. Едното е опишано во книгата на Френсис Фукујама, „Крајот на историјата“, според кое либералната демократија е конечно пронајдениот систем по мерка на човекот и ќе завладее со целиот свет. Второто сценарио е на Семјуел Хантигтон, за судирот на цивилизациите, според кое, светот го очекуваат нови војни помеѓу различните, пред сѐ, етнорелигиски цивилизации.
Димитровски истакна дека денес, за жал, го живееме второто сценарио или сме блиску до него. Војната е втората природа на човештвото. Балканот, земјите од Кавказот и Блискиот Исток се три тензични географски точки, каде што историјата на војни и етнички судири продолжува со децении, а големите светски сили и регионалните играчи ги преплетуваат своите интереси. Во моментот силата, сојузите, империите се тие што се наметнуваат и заземаат позиции – НАТО, ЕУ, БРИКС, глобалниот Југ, Кина, Индија – ќе бидат играчи во новиот светски поредок. Заканата од авторитарни режими и агресивни империјалистички држави ги тера малите земји на сојузување во алијанси.
Димитровски потенцира дека мултилатерализмот не ги дава очекуваните резултати зашто организациите што треба да ги спречат војните и да ги управуваат со конфликтите, како ОН и ОБСЕ, на пример, се блокирани. А тоа се гледа и на микроплан, на случајот со Македонија. Нашиот јужен сосед, на пример, не ја почитуваше пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг за членство на Македонија во меѓународните организации под референцијата БЈРМ, а источниот сосед не ги почитува пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за регистрирање на здруженијата на Македонците. Очигледно повторно силата и интересите се оние што ќе ги определуваат контурите на светскиот поредок, кој е во транзиција, но алијансите, како НАТО и ЕУ, кои се сојузи на слободни и демократски општества, не треба да применуваат двојни стандарди кон кандидатите. Македонија сака да стане членка на ЕУ и да ги исполни Копенхашките критериуми, владеењето на правото, демократијата, човековите права, пазарната економија, а не условувањата за идентитетот, историјата, потеклото на нашиот јазик или етничката припадност на македонските револуционери“, истакна Димитровски.
Димитровски во рамките на „Ереван дијалог форумот“ се сретна и со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, а оствари и билатерални средби и разговори со заменик-министерот за надворешни работи на Ерменија, Парјур Хофханисјан, заменик-министерот за надворешни работи на Грузија, Лаша Дарсалија, државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Словенија, Марко Штуцин, како и со претставници на Светскиот економски форум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

