Топ
Кривични против осум лица и три фирми по несреќата на автопатот Скопје – Куманово кога загинаа татко и син

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, до ОЈО Скопје, поднесе кривична пријава против Д.Д.(40), Д.М.(59), П.Г.(42), П.М.(56), С.С.(39) и Р.П.(58), сите од Скопје и скопско, против З.Н.(61) од Битола и Х.Р.(58) од Косово, како и две правни лица од Скопје и едно правно лице од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување опасност при градежни работи” предвидено и казниво по член 289 став 1 од Кривичниот законик во врска со кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ предвидено и казниво по член 292 став 2 од Кривичниот законик и кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ предвидено и казниво по член 297 став 1 од Кривичниот законик во врска со кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ предвидено и казниво по член 300 став 2 од Кривичниот законик, извести МВР.
На 02.09.2024 во 11.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово, на околу два километри пред наплатна станица Миладиновци, патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.А.(34) од село Опае, кумановско, удрило во непрописно поставени сообраќајни знаци за пренасочување на сообраќајот и во запрено товарно возило „ман“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје, а непрописно паркирано од Р.П.(58) од село Глумово, скопско. Во несреќата од здобиените повреди на местото на настанот починал возачот Б.А., а подоцна, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје од здобиените повреди починал и малолетен сопатник од село Опае.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата кои се греат на дрва, Мицкоски најави вонредна мерка за почист воздух

Во пресрет на новата грејна сезона, Владата размислува за субвенции за филтри на оџаците на домаќинствата кои се греат на дрва и фосилни горива. Субвенцијата би била на принципот прв дојден прв услужен исто како и субвенциите за клима-уреди и топлински пумпи. За субвенциите за филтри на оџаците премиерот Христијан Мицкоски најави дека на негова иницијатива, ќе се ќе разговара на денешната седница на Владата.
„Бидејќи гасификацијата е процес кој ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати. можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима – уреди за топлински пумпи и субвенционирање на сметки за струја на социјално ранливи категории, на отприлика пет до десет илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџаците. Тоа е за оние домаќинства кои користат фосилни горива, односно дрва. Изминативе неколку дена работев лично на оваа проблематика и гледам дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето“, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Покрај субвенциите за домаќинствата, Владата ќе ја разгледа можноста да се инсталираат филтри на оџаците на државните објекти кои користат фосилни горива, чија бројка е околу 500.
Премиерот Мицкоски вели дека оваа мерка ја најавува однапред имајќи предвид дека кога ќе почне грејната сезона ќе има активисти кои ќе се борат за воздух, иако, како што нагласи, ги немаше никаде изминативе седум години. Владата ќе бара законски начин за доделување на субвенциите во пресрет на грејната сезона која се поклопува со предизборниот период.
„Треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“, рече премиерот Мицкоски.
Според последниот попис на населението, во земјава има 349.402 домаќинства кои се греат на дрва и други фосилни горива.
Македонија
Мицкоски за пресудата за случајот „Онкологија“: Со вакви одлуки судиите и обвинителите не си ги заслужуваат платите, а бараат уште поголеми

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на условната казна за докторката која призна злоупотреба на Клиниката за онкологија, изјави дека со такви одлуки, судиите и обвинителите не си ги заслужуваат платите, а бараат уште поголеми.
„Па знаете, моите ставови за Обвинителството и Судството се многу пати кажани, многу пати разговарани и секогаш кога ќе зборуваат зошто доцниме во процесот на испорака на законите, коишто значат реформи во Судството и Обвинителството, во суштина сакам јавноста да знае дека станува збор за 6 закони каде што основната суштина е зголемување на буџетот од којшто директно ќе имплицира зголемување на платите на обвинителите и судиите коишто имаат рејтинг од 2%, а се бара зголемување на платите за судиите, односно буџетот нивен којшто би бил сега 0,8% од БДП, а за обвинителите 0,5% од БДП и секогаш чувствувам некаква мачнина, бидејќи тие и овие сега плати што ги зимаат не ги заслужуваат, имајќи предвид вакви судски одлуки за која што вие сега зборувате“, рече Мицкоски.
Така што, додаде тој, сакам граѓаните да знаат дека, сите оние експерти, така наречени, кога излегуваат во јавност и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во Обвинителството и Судството, ова е суштинската реформа.
„Како да се зголеми буџетот на судовите до 0,8% од БДП, а на обвинителите од 0,5% од БДП, што е да речеме 2 до 3 пати повеќе од некои земји членки на Европската Унија. Не е проблем ние ќе ги зголемиме и три пати, ама да ги заслужат. Јас имам дилема, дали и овие плати тие ги заслужуваат, коишто сега ги земаат. Така што еве, тоа е на кратко мојот коментар“, рече Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје вчера изрече двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност за второобвинетата во случајот Онкологија, онкологот Мери Пешевска, доколку во рок од пет години таа не стори ново дело. Пред две судски рочишта Пешевска го призна делото кое што ѝ се става на товар за несовесно лекување болни, по што кривичната постапка против неа беше раздвоена.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Вложуваме во спортот, пуштен во употреба затворениот базен во Штип

Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на пуштањето во употреба на затворениот базен во Општина Штип.
„Можам слободно да кажам дека Штип доби една современа, модерна физиономија, дека навистина е центар во истокот. Штип денеска делува навистина импресивно и работата на градоначалникот навистина инспирира и очекувам дека и во следните четири години ќе продолжи со истата динамика на реализација на тие проекти за уште поубав Штип, за Штип којшто ќе има уште повеќе реализирани проекти, а ние како централна Влада тука сме да ја поддржиме реализацијата на тие проекти“, кажа Мицкоски.
„Така што еве овој базен којшто претставува типска градба, како што кажа и министерот, е еден од шесте, втор по ред. Знаете дека овие проекти беа заглавени со години, 4-5 години стоеја, тапкаа во место, не беа реализирани, но еве сега со доаѓањето на оваа Влада, изминатите 15 месеци откако сме Влада, ги задвиживме овие проекти, тие се реализираат. После оној во Кисела Вода, овој во Штип е следен, следат Кичево и Битола, па потоа Ѓорче Петров и Карпош и оној во Кавадарци, се разбира.
Продолжуваме и понатаму да инвестираме во спортот, затоа што, како велат, во здраво тело здрав дух. Ние би сакале да ги навикнеме младите уште од најрана возраст да спортуваат бидејќи на тој начин се градат во вистински личности, личности коишто витешки ќе се борат во својот живот и ќе напредуваат. Така што еве, ако оваа градба овдека помогне во таа насока, јас би бил пресреќен“, изјави премиерот Мицкоски.