Македонија
Уставниот суд поведе постапка за „балансерот“
Уставниот суд денеска поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас при вработување во јавен сектор, односно одредби од акти оспорени од страна на Државната комисија за спречување на корупција.
Судот ги оцени како основани наводите во иницијативата на Комисијата и ги прошири сомнежите за неуставност и незаконитост и на други одредби и по сопствена иницијатива поведе постапка за одредби од истите закони и подзаконски акти кои произлегуваат од истите.
Во оваа фаза Уставниот суд изразува сомнеж дека се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се признати во меѓународното право и утврдени во нашиот Устав, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, кои се темелни вредности на кои почива нашиот уставно-правен поредок.
Судот изрази сомнеж дека со одредбите за кои поведе постапка се доведува во прашање уставно-загарантираниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, утврден со членот 9, понатаму, уставната гаранција секому, под еднакви услови да му е достапно секое работно место, утврдено со членот 32, како и членот 54 според кој, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско, по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Во суштина на аргументите во расправата беше посочена Одлуката на Уставниот суд во предметот У.бр.92/2023 во која е одлучено дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, лично право е на граѓанинот да одлучи дали ќе се изјасни, како ќе се изјасни за својата припадност, вклучително и правото да не се изјасни. Расправајќи за одредби од Законот за матична евиденција одлучи дека националноста е приватно и внатрешно чувство и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста, а уште повеќе тоа чувство да биде предмет на задолжителна институционално администрирање во регистрите на државата, информираат од таму.
Пред Судот денеска, како што се додава во соопштението, се поставило прашањето дали со оспорените одредби за кандидатите за административни службеници, идентично како и во Регистарот на вработените во јавниот сектор, се наметнува законска обврска за изјаснување на припадноста кон одредена заедница?
„Исто така основано се постави прашањето дали одредбите од Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас претставуваат ограничување на правото на кандидатите кои припаѓаат на различни заедници од онаа наведена во јавниот оглас, со што се доведува под сомнеж нивната усогласеност со принципот на еднаквост и со уставната гаранција секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место.
Судот донесе и т.н. времена мерка за оспорените одредби ,што значи додека не се донесе конечна одлука не може да се применуваат.
Одредби за кои денеска е поведена постапка:
– член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“,од Законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија” бр. 27/14, 199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/19 14/20 и 302/20);
-член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“,од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 14/20 215/21 и 99/22)
– член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15);
По сопствена иницијатива како што е нагласено во соопштението, се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– член 2 став 2 и 3 од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15);
– член 3 став 1 алинеја 8 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците бр. 14/2-2766/3 од 29.08.2014 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2014)“, е наведно во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ прашува кој дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони
„Кој во власта дозволил да се одгледува марихуана на површина од 40 фудбалски стадиони, нелегално? Поминаа 15 дена и сè уште нема одговор за најголемиот нарко-скандал во регионот – како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара“, велат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека, како што наведуваат, „сите молчат“ и ги прозиваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и функционерите Александар Николовски, Јохан Тарчуловски и Бојан Томовски.
Според СДСМ, соочени со, како што тврдат, сопствената одговорност, претставниците на власта започнале медиумска кампања и лицитирале со наводно запленети 100 тони марихуана, за која велат дека била нелегално произведена.
„Но, така заглавија уште подлабоко. Ако некој успеал нелегално да произведе 100 тони марихуана, тоа е уште една потврда дека вината е целосно кај Владата и институциите кои тоа го дозволиле, не го контролирале и не го спречиле“, наведуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека за производство на 100 тони марихуана е потребна површина од над 30 хектари, што, според нив, е еднакво на повеќе од 40 фудбалски стадиони, и прашуваат кој дозволил толкава површина да се одгледува во државата и зошто не била направена ниту една теренска контрола.
СДСМ прашува и како безбедносните служби не забележале толкава количина дрога да се транспортира, складира и пакува, како и што правеле АНБ и АР. Во соопштението се поставува и прашањето како 5 тони дрога поминале преку граница, покрај системот „Сејф сити“, скенери, контроли, полиција и царина.
„Нема одговор на овие прашања затоа што одговорноста за нарко-скандалот е во врвот на власта. СДСМ нема да дозволи овој нарко-скандал да се заташка. Нема бегање од одговорноста. Сите ќе одговарате“, се наведува во соопштението.
Македонија
Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како да се заштитат од сајбер напади
Камп за сајбер безбедност за средношколки се одржува во Охрид, како дел од проектот CybHER – Зајакнување на жените и девојките во сајбер безбедноста, кој го спроведува Британскиот совет во државите од Западен Балкан, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Пред учесниците на кампот денеска ќе се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.

