Македонија
Прва јавна расправа за предлог-законот за кривична постапка
Министерството за правда, во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа – Мисија во Скопје, ја организира првата јавна расправа за подрачјата на апелациските судови во Скопје и Штип за предлог-законот за кривична постапка.
Вакви расправи ќе се одржат и за подрачјата на апелациските судови во Битола и Гостивар. На настанот присуствуваа судии, обвинители, адвокати, полициски службеници и претставници на граѓанскиот сектор.
Јавната расправа ја отвори заменик-министерот за правда, Ален Дерабан, кој во своето обраќање се осврна на клучните измени на ЗКП, чија цел е имплементирање на директивите на ЕУ, како и отстранување на недостатоците што беа детектирани во досегашната примена на законот.
,,Особено значајни се новините, кои се однесуваат на замрзнувањето имот и на конфискацијата, електронската достава и дигитализација на кривичната постапка, унапредување на одредбите за посебните истражни мерки и зголемување на ефикасноста, зајакнување на процесните права на жртвите во согласност со стандардите на Европската Унија и Советот на Европа, како и воведување одредби за задолжително спроведување на финансиските истраги со цел сузбивање на корупцијата и економскиот криминалитет и други значајни новини“, рече Деребан.
Заменик-министерот посочи дека справувањето со корупцијата и организираниот криминал се еден од врвните приоритети на оваа Влада, а Министерството за правда интензивно работи на унапредување и изнаоѓање соодветни законски решенија со цел сузбивање на овие појави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обилните врнежи предизвикаа поплави во повеќе региони, во Кичево евакуирани околу 180 лица
Центарот за управување со кризи информира за состојбата по обилните врнежи од дожд заклучно со 12:30 часот, при што се регистрирани поплави и свлечишта во повеќе региони во државата.
Во кичевскиот регион, во текот на ноќта, обилните врнежи предизвикале излевање на Зајашка Река на улицата „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Евакуирани се околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Регистрирано е и заезерување на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти, како и објекти на болницата во Кичево. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржал состанок во Општина Кичево, по што била организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Во скопскиот регион, во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени дворни места во селото Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во селото Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во селото Зелениково (Општина Зелениково), како и поплавено дворно место во населбата Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Во тетовскиот регион, преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата. Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Во гостиварскиот регион пријавени се поплавувања на куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во селото Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, за што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.
Македонија
Можни излевања на реките, критична состојба во Полошко, Кичевско и Пелагонија
Управата за хидрометеоролошки работи напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови од државата, по обилните врнежи во изминатите 24 часа кои предизвикаа нагло полнење на речните корита. Според најавите, состојбата може дополнително да се влоши во текот на денот.
Од Секторот за хидрологија информираат дека во Полошкиот регион, особено во горниот дел од сливот на реката Вардар, е регистриран висок водостој. Постои опасност од заезерување во одделни делови на Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Зголемен водостој е забележан и на реката Треска, со потенцијално критични точки во селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска, што дополнително ја зголемува опасноста од локални излевања.
Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар, реката Црна бележи континуиран пораст, а можни се излевања во делови од Демир Хисар, Кичевско и поширокиот пелагониски крај. Зголемен водостој има и во Охридско-Струшкиот регион, каде реките Сатеска и Коселска се со покачено ниво, со ризик од локални излевања на помалите водотеци.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат крајно претпазливи и да избегнуваат движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата. Се препорачува внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.
Надлежните институции ја следат состојбата на терен, а од УХМР најавуваат редовно информирање доколку дојде до дополнително влошување на хидролошката состојба.
Македонија
Одронот кај село Колари е отстранет
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
АМСМ соопшти дека сообраќајот на патниот правец Кичево – Гостивар целосно е нормализиран претпладне во 10:30 часот, откако екипи на ЈП „Македонијапат“ го отстраниле одронот кај село Колари што го блокираше патот од 5.40 часот изутрината.
На патниот правец село Лисец – Попова Шапка, каде во 05:45 часот изутрината поради врнежи од снег беше воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси, се работи на проширување на коловозот за нормално одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.

