Топ
Ограбена аптека во Ново Лисиче, разбојникот уапсен веднаш по грабежот

Вчера, во 21.55 часот на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода 30-годишниот Б. П. од населба Илинден, Скопје, извести МВР.
„Тој се сомничи дека околу 21.30 часот во аптека во населба Ново Лисиче со закана со пиштол кон вработените одзел пари од дневниот промет. Пиштолот бил пронајден и одземен, а биле пронајдени и парите и биле вратени на сопственикот“, соопшти МВР.
Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Единаесет македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив, небото над Израел денес е затворено

По денешното повторно затворање на воздушниот простор на Израел и аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, сите летови кон и од Израел беа откажани. Од МНР информираат дека се очекува обновување на летовите во текот на денот, во зависност од безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од македонската амбасада во Тел Авив, во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив.
„Евакуацијата би можела да се реализира во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација. Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол (Кипар), за што Амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти“, велат од МНР.
Покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 22 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27. Меѓутоа, не сите се подготвени тоа да го направат веднаш.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани, сè до нивната безбедна евакуација.
Македонија
12 отсто од вработените на Клинички ќе паркираат на пет минути пеш за да им се олесни пристапот на пациентите, најави Алиу

Триста вработени од вкупно 2.500 на Клиничкиот центар Мајка Тереза од 1 јули ќе можат да ги паркираат своите возила кај „Лимак“ за да се олесни сообраќајот пред комплексот клиники. Ова го најави министерот за здравство, Азир Алиу.
Паркинг местата кај „Лимак” за дел од вработените во Мајка Тереза ќе бидат обележани со табли, оддалечени на пет минути пешачење, а ќе продолжат да ги плаќаат самите, по истатат цена како досега. За тоа кој ќе паркира таму, ќе се одлучува на доброволна основа, рече министерот.
Според него, со пренасочување на возилата на оваа бројка на вработени надвор од кампусот, граѓаните нема да мора да решаваат сообраќајни проблеми и да губат нерви. Сепак, на просторот на Клиничкиот центар дневно се паркираат и до трипати повеќе возила одошто има место, а секоја нова власт изминативе две децении ветува изградба на катни гаражи во Клиничкиот центар и решавање на проблемот.
Алиу вели дека во моментов се врши мапирање на секој агол, по што ќе се знае точно колку возила може да се паркираат, кои се пиковите во текот на денот и каде се најкритичните точки на застој.
Министерот најави и интерактивни табли со цел пациентите полесно да се снајдат на Клинички центар, но засега не знае колку ќе чини тоа решение.
Свет
Иран: Ќе се браниме со сите сили од агресијата на САД

Министерството за надворешни работи на Иран објави ново соопштение.
Техеран истакна дека ќе се брани од, како што ја нарече, американска воено поттикнувачка политика.
„Исламската Република Иран е решена да ја брани територијата, суверенитетот, безбедноста и народот на Иран со сите сили и со сите средства од агресијата на Соединетите Американски Држави“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи.
Тие го нарекоа нападот јасно кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и повикаа на итна седница за да се осуди нападот.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, предмалку на социјалната мрежа „Икс“ објави дека во изминатата недела и Израел и САД одлучиле да ја „кренат во воздух дипломатијата“.
Во соопштението тој наведува дека за време на минатонеделните преговори со Америка „Израел решил да ја крене таа дипломатија во воздух“.
Истото се случило, тврди тој, за време на разговорите со европските претставници, но овој пат „САД решиле да ја кренат дипломатијата во воздух“.
„Каков заклучок би извлекле?“ праша тој.
Додаде: „За Британија и високиот претставник на ЕУ, Иран е тој што треба да се врати на преговарачката маса. Но, како може Иран да се врати за нешто што никогаш не го напушти, а камоли да го уништи?“.