Скопје
Ѓорѓиевски: Почнуваат бесплатните логопедски третмани во Кисела Вода
Од денес, Кисела Вода е првата општина во Македонија во која децата што имаат потреба, ќе добиваат бесплатни психолошки, логопедски и дефектолошки третмани, а професионална поддршка ќе има и за нивните семејства., најавија од општината.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со „Гаспар” центар за психофизичко здравје и официјално го пуштија во употреба новоотворениот центар во Припор, за кој локалната самоуправа го обезбеди просторот, а Центарот за психофизичко здравје ,,Гаспар”, како што појаснија од општината го обезбеди стручниот кадар-тимот од логопеди, психолози, специјални едукатори и рехабилитатори. Обуки ќе има и за кадрите во училиштата и градинките, со цел сите деца да добијат соодветна и квалитетна поддршка.
– Општина Кисела Вода уште еднаш покажа дека е лидер во креирање на социјални мерки и услуги во интерес на граѓаните и дека наш врвен приоритет во работењето се нашите најмлади жители. Работејќи кон создавање подобри услови за живеење и активно вклучување на сите граѓани во заедницата, од денес во Припор функционира Центар за психофизичко здравје кој нуди логопедско-дефектолошки и психолошки услуги. Наша заедничка цел е да им овозможиме поголема достапност и полесен пристап на услугата на жителите на општината и да им помогнеме на семејствата во социјален ризик. Жителите на општина Кисела Вода кои согласно Закон за социјална заштита спаѓаат во категоријата на ранливи семејства и имаат потреба од оваа услуга ќе може да се обратат во новоотворениот центар во Припор. За сите останати наши жители, обезбеден е попуст. Соработката со Центарот за психофизичко здравје ,,Гаспар” продолжува и понатаму како на локално така и на национално ниво и наскоро ќе бидат промовирани и нови услуги кои им се потребни на нашите жители – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Станкоска: Системските пропусти во јавниот превоз Орце ги решава со кампањи за подигање на свеста на граѓаните
Со небулози не можат да се покријат системските пропусти за нефункционирањето на јавниот превоз, констатираше советничката од редовите на партијата Левица во Град Скопје Евгенија Станкоска, коментирајќи ги предлог програмите на градоначалникот Орце Ѓеорѓиевски кои предвидуваат проекти за подигање на свеста за користење на јавниот превоз.
„Искрено, не сметам дека е соодветно да се троши време на банална програма. Сакам да ви прочитам само една точка. ‘Поддршка на проекти за подигање на свеста преку кампањи и друг вид на иницијативи за користење на јавниот превоз, користење на велосипедот како средство за превоз и подигање на свеста за јавната хигиена.’“
Според Станкоска, власта наместо да го лоцира коренот на проблемот, а тое е нефункционалниот јавен превоз, таа го лоцира проблемот во граѓаните.
„Не знам во кој град живееме? – Граѓаните чекаат 5-ка, чекаат 57-ца, чекаат 15-ка и чекаат по 45 минути или час. Граѓаните се многу повеќе од свесни дека треба да користат јавен превоз, но тој не е функционален. И вие, сега ќе решавате системски пропусти, со небулози. Покренувате иницијатива за подигнување на свеста на граѓаните.“
На крајот советничката од партијата Левица истакна дека поради неможност да се направат конкретни реформи и промени, власта го обвинува поединецот, во насока дека граѓаните се криви за состојбата во јавниот превоз или со отпадот.
Македонија
Реконструиран покривот на градинката „Пеперутка 1“ во Драчево
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска беше во работна посета на објектот „Пеперутка 1“, во рамки на ЈДГ „8 Март“ во Драчево, заедно со Ѓоко Велковски, заменик-министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади на Република Македонија.
При посетата беше извршен увид во реализираните градежни зафати, со кои значително се подобрува безбедноста и квалитетот на престојот во објектот. Имено, целосно е реконструиран кровот на градинката, при што е отстранет азбестниот материјал, кој е прописно и безбедно депониран согласно сите важечки законски и безбедносни стандарди. Дополнително, се менуваат и олуците, а ќе биде поставен и громобран.

Во објектот моментално се згрижени вкупно 100 деца, распределени во четири воспитни групи: две групи деца на возраст од 2 до 3 години и две групи деца на возраст од 4 до 5 години, известува општина Кисела Вода.

-Позитивниот ран детски развој е темелот врз кој се гради иднината на секое дете, а наша обврска како локална самоуправа е да обезбедиме безбедни, здрави и современи услови и за најмладите, но и за вработените кои секојдневно се грижат за нив. Овој објект и во минатото бил предмет на реконструктивни зафати, а ние ќе продолжиме континуирано да инвестираме во негово унапредување. Подобрувањето на условите во градинките е траен процес и останува висок приоритет во нашата работа. Посебно ме радува добрата соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со заменик-министерот Велковски, која очекувам да продолжи и во наредниот период, со заедничка цел, подобра грижа за децата и нивна посигурна иднина- изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Герасимовски: Рекорден буџет и големи капитални вложувања за Центар во 2026
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес-конференција информираше дека усвоениот буџет за 2026 година е највисок досега и изнесува 1.217.450.000 денари, при што 43 проценти од вкупните средства се наменети за капитални проекти, предвидени во неговата програма за втор мандат.
„Во наредниот период се фокусираме на конкретни и трајни решенија за граѓаните. Инвестираме во дом за стари лица, нова детска градинка, граѓанско-административна зграда и инфраструктура за пофункционален Центар“, рече Герасимовски.
„Планирани се и значајни инвестиции во уличната инфраструктура, реконструкција и уредување на јавни површини, како што е потегот од Зелено пазарче до улица Македонија, но и изградбата на нова катна гаража во Буњаковец, со капацитет од околу 250 возила.
Се предвидуваат и значителни вложувања во зеленилото, а од септември 2026 година се воведува бесплатен оброк за учениците во целодневната настава, како директна поддршка за семејствата во Центар.
Зголемени се средствата за социјална заштита, во делот на поддршката на пензионерите и семејствата. За социјално загрозените пензионери се дуплира еднократната парична помош, додека еднократната поддршка за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
Општина Центар и во 2026 останува посветена на подобрување на квалитетот и условите за живот на своите жители“, се додава во соопштението од Општината

