Македонија
СДСМ: 100 дена Влада на Мицкоски, 100 дена изговори, скандали и разочарувања
100 дена владеење на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е период на изговори, скандали, разочарувања, изневерени ветувања и назадување. Досега немало влада со толку лош почеток на владеењето. Ако денот се познава по утрото, уште полошо ги чека граѓаните и државата со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ова е најнеспособната власт од независноста на државата до денеска, велат од СДСМ.
„Власта ги изневери и ги разочара граѓаните, најмногу со тоа што сите нејзини ветувања пред изборите ги замени со изговори зошто не може да ги реализира. Ветуваа поголеми плати а просечната плата се намали за 1.000 денари, нема покачување ниту на минималната плата, ниту на платите за наставнивите и другите работници. Ветуваа поголеми пензии за 5.000 денари а не можат да испорачаат ниту половина. Ветуваа намалување на задолжувањето а го зголемија долгот на граѓаните за над 60%. Им натоварија 500 милиони евра на грбот на граѓаните, сомнители кинески пари, да ги враќаат генерации“, посочуваат од СДСМ.
Како што истакнуваат, наместо реални мерки за намалување на цените мачкаат очи загрозувајќи го стандардот на народот.
„Скандал до скандал ги одбележаа овие 100 дена на Мицкоски и ДПМНЕ. Речиси и да немаше недела да не се случи некој огромен скандал, од поклонетиот имот на генералниот секретар во Владата вреден 300 илјади евра, сомнежите за корупција, преку долговите од 1 милион евра за кои до денеска се молчи. Безбедноста на граѓаните е загрозена поради неспособноста на власта на Мицкоски. Се случија 10 убиства и обиди за убиства а расчистено е само едно, пукањата по улиците, палењето автомобили и дивеењето на криминалците стана секојдневие. Безбедностните структури се подложни на масовна партизација наместо професионализација исто како и останатите институции. Беше нападнат полицаец на скопскиот аеродром од обезбедувањето на Гаши. На северната граница власта нема контрола, се случија тон скандали со пропуштање на сватовите на Гаши, со казнување на полицајците и самовилие на началниците поставени од ДПМНЕ“, тврдат од СДСМ и завршуваат:
„Изгоре 10% од териотијата на земјата, причинета е огромна штета, само поради неспособност на првите луѓе во власта на Мицкоски. Власта ги прекина преговорите со ЕУ. Одлуката на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да стават буквално крај на преговорите со ЕУ и да ја дотераат земјата во политички ќорсокак е најголемиот успех на оваа Влада во првите 100 дена. Од земја со јасна перспектива напред, јасен план за развој и раст на секое поле во рамки на ЕУ, Мицкоски реши да ја затвори и изолира уништувајќи ја надежта дека тука ќе се живее подобро. Со Мицкоски и ДПМНЕ може само да очекуваме уште повеќе иселување, економска стагнација и целосен застој во целокупниот развој на државата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.

