Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го укина бесплатното пливање за првачињата и за децата со попреченост во Аеродром
По неколку години Општина Аеродром ја укина програмата за бесплатно пливање за учениците од прво одделение и учениците со попреченост со прво до трето одделение. На последната седница на Советот на Општина Аеродром со одлука беа скратени средствата кои беа наменети за проектот „Учиме да пливаме“. Воведен пред неколку години, овој проект претставуваше едно од малкуте реализирани ветувања на Тимчо Муцунски. Проектот „Учиме да пливаме“ имаше за цел да им помогне на семејствата со деца во прво одделение и деца со попреченост, преку покривање на трошоците за часови пливање, опрема, превоз и обука од сертифицирани едукатори, да придонесе кон правилниот психо-физички развој на овие деца, велат од СДСМ.
„Пред само 4 години, кога СДСМ управуваше со локалната самоуправа, Аеродром беше првата општина во државата што го воведе проектот за интегрирано пливање на децата со попреченост од основните училишта. Проектот во тоа време ги опфаќаше учениците од прво до трето одделение. Благодарение на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и в.д. градоначалникот Дејан Митески, не само што не се реализираат ветените проекти од нивната програма, туку се укинуваат и добри практики од минатото“, посочуваат од СДСМ и додаваат:
„Јавно го прашуваме в.д. градоначалникот Митески, дали причината за укинувањето на бесплатното пливање е лошата финансиска кондиција на општинскиот буџет? Останаа нереализирани и ветувањата за спортска субвенција за млади во износ од 600 денари и стипендиите за млади таленти во износ од 30.000 денари. Повеќе од очигледно е дека ниту Муцунски, ниту Митески немаат никаков план за иднината на најмладите од општина Аеродром“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

