Македонија
Љутков: Културните и креативните сектори се основа за мобилност меѓу земјите од Западен Балкан
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, учествуваше на тркалезната маса посветена на културните и креативните сектори, а во рамките на министерската средба посветена на управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука, истражување и иновации и култура.
Министрите за култура од Западен Балкан дискутираа за предизвиците и иницијативите поврзани со: заштитата и промоцијата на материјалното и нематеријалното културно наследство како ресурс за инклузивен, економски и одржлив развој, потребата за градење капацитети и професионални вештини во оваа област, особено во однос на управувањето со ризикот во време на климатски промени.
Културното наследство и неговото ставање во функција на одржлив економски и социјален развој, според Љутков, отвора низа можности за соработка и размена на знаења и искуства меѓу Западен Балкан и Европската Унија.
„Земјите од Западен Балкан, со поддршка од меѓународните организации, веќе соработуваат во областа на заштитата на културното наследство, а кај нас добар пример на автентична конзервација и презентација на културното и природното наследство и остварување на економско-социјалниот потенцијал претставува Музејот на вода во Заливот на коските на Охридското Езеро“, рече Љутков.
„Климатските промени на глобално ниво, пак, додаде тој, се сериозни предизвици, кои наметнуваат нови пристапи за заштита на културното наследство. Во тој контекст, како што рече, новите стратегиски документи за културно наследство го опфаќаат и делот за влијанието на климатските промени врз археолошките локалитети и сите други заштитени објекти и културни целини“.
Министрите за култура разменија информации и искуства и за успешните иницијативи поврзани со регионалната соработка и мобилност на уметниците и културните професионалци, а воедно ги изнесоа и своите предлози за регионална и европска соработка.
Како предуслов за поширока соработка на уметниците во регионот, вклучувајќи ја и нивната мобилност, беше посочена поголемата афирмација и користење на поволностите што произлегуваат од потпишувањето на билатералните договори. Во тој контекст беше потенцирано и значењето на програмата „Креативна Европа“ и нејзините иницијативи и акции „Ај-портунус“, „Културата ја движи Европа“ и „Изведбена Европа“, но и на европските мрежи, кои подетаљно ги третираат прашањата поврзани со мобилноста.
Во однос на мобилноста на уметниците, Љутков ја потенцира и важноста од прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата за 2028 година.
„Свесни сме дека сите ние во нашата држава имаме исклучителна одговорност во реализацијата на активностите што ќе следуваат, а со цел да го претставиме Скопје во европско светло. Активностите во овој процес несомнено ќе ги стимулираат и ќе ги поддржат мобилноста на уметниците и размената на знаења и искуства на културните професионалци, но и на професионалците од сродните релевантни сектори со нивните колеги од регионот, Европа и пошироко“, рече министерот.
Според Љутков, министерската конференција е уште една потврда дека регионот на Западен Балкан и евроинтегративните процеси се високо во агендите на актуелните и на идните политики на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

