Спорт
Рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји трчаат на денешниот маратон во Скопје
На претстојното 20-то јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон, што ќе се одржи денеска, ќе учествуваат рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји. Како што соопштија организаторите на маратонот, одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14 часот.
Целта на сите трки е на Плоштад „Македонија“. Локација за старт на сите трки e Собрание. Време за старт на сите трки e 08:00 часот, но организаторите апелираат тркачите да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе тргнат во правец кон Католичка црква, а тркачите на трката Комерцијална Банка 5км ќе трнат во правец кон Црвен Крст.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до крстосницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до крстосницата со бул. „Јане Сандански“. На крстосницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до крстосницата со бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред крстосницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до крстосницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, полумаратонците финишираат на Плоштад „Македонија“, а маратонците трчаат уште еден круг.

За патеката за трката на 5 км, стартот е пред Собранието, по кое натпреварувачите ќе трчаат во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат ќе свртат лево, по „Трета македонска бригада“ и кај Супермаркетот „Тинекс“ ќе свртат полукружно и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“.
Организаторите на „Виз Ер Скопскиот маратон“ ги замолуваат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај. Исто така, СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката.

Главен покровител на Скопскиот маратон е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Јанакопулос побара играчите и тренерот Атаман да поднесат оставки
Претседателот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, „лут како рис“ им испрати порака на своите играчи и тренери по поразот на „зелените“ од Арис во грчкото првенство.
Тимот на Ергин Атаман загуби во Солун со 102:95 по едно продолжение.
Во исто време, турскиот стратег беше исклучен поради бурни протести кон судиите, со што се комплетираше лошиот ден на неговиот тим.
Лут од конечниот резултта, Јанакопулос со критики се огласи на социјалните мрежи.
Им порача на играчите и тренерите да го напуштат клубот.
„Главниот тренер, помошниците тренери, сите вие! Сите. Немате поим каде играте, нели? Ова е Панатинаикос. Се надевам дека кога ќе се вратите во Атина, ако имате храброст да се вратите во Атина, сите ќе поднесете оставка“, рече Јанакопулос и додаде:
Срам да ви е! Проклети да сте! И не сакам ништо да чујам, ниту за Пицилкас, ниту за криминални организации, за ништо. Не можете да изгубите од Арис со буџет од 40 милиони. Срамно! Почнете да играте кошарка. Сфатете каде сте!“, порача ексцентричниот Јанакопулос.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Сити водеше 2:0 и не победи во Лондон
Фудбалерите на Тотенхем и Манчестер Сити ремизираа 2:2 во Лондон во 24-то коло од Премиер лигата.
Сити, доминираше, стекна предност од два гола, но не успеа да победи.
Гостите влегоа одлично во натпреварот, поведоа во 11-та минута со голот на Рајан Шерки.
Шерки можеше да постигне уште еден гол во 24-та минута, но Гуљелмо Викарио го одбрани неговиот удар.
Немаше промена во резултатот се до финишот на првото полувреме, во 44-та минута, Антоан Семењо го дуплираше водството на Сити.
Второто полувреме тргна во поинаква насока, прво во 53-таа минута, Марк Гуехи си постигна автогол и Тотенхем ја намали разликата, а во 70-та минута, Доминик Соланке ја затресе мрежата на Сити по асистенција на Конор Галагер за 2:2.
Сити остана на второто место во Премиер лигата со 47 бода, шест помалку од Арсенал кој е прв на табелата.
Од друга страна, Тотенхем е на 14-та позиција со 29 бода.
Во продолжението од сезоната, Тотенхем го очекува дуел со Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“, додека Сити гостува кај Ливерпул.
Foto/ EPA
Спорт
Германија немаше шанси – Данска е Европски првак
Ракометартите на Данска, на домашен терен го освоија златниот медал на 17-то Европско првенство. За Данска ова е втора титула на континеталните натпреварувања, прва по 2014 година. Данците, исто така, потврдија дека се најмоќната ракометна нација, во овој момент тие се актуелни европски, светски олимписки шампиони.
Данска, во финалето на ЕП, во Хрнинг, ја победија Германија со 34:27.
Во текот на првото полувреме, како што се очекуваше, се водеше немилосрдна борба, се играше гол за гол, а потоа Данска се одлепи на 12:9, на што Германците ексрепсно возвратија, благодарени на брилијантниот голман Волф. Првио дел заврши со предност на Данска од два гола.
Во продолжението од натпреварот, голманите Волф и Мелер, блескаа ги оставија играчите пет минути без постигнат гола.
Данска прва се разбуди и на нешто повеќе од десет минути пред крајот избега на 26:22. Германија се обиде, но по 53-та минута целосно паднаа во играта.
Најефикасни во тимот на Данска беа Симон Питлик со осум, Јохан Хансен со седум, Матијас Гидсел со шест, Томас Арнолдесн со четири гола. Кевин Мелер имаше 11 одбрани. За Германија, Андреа Волф имаше 14 одбрани, а Марко Гргиќ, Јури Кнор и Јоханес Гола постигнаа по пет гола.
Во борбата за бронзениот медал, Хрватска ги контролираше настаните на паркетот против Исланд, на самиот крај се коцкаше, му дозволи на Исланд да стигне од 23:29 до 32:33, но на крајот стигна до заслужената победа.
Foto/ EPA

