Македонија
Дурмиши: Работиме на нови иницијативи со кои ќе ја подобруваме и зголемуваме вработеноста и ќе овозможиме социјална инклузија на пазарот на трудот
„Денес успешно завршуваме проект чиј главен фокус беше решавањето на едни од најголемите предизвици со кои се соочуваме како општество – долгорочната невработеност и зависноста од гарантираната минимална помош, кажа министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши во обраќањето на завршниот настан од реализација на тригодишниот ИПА проект „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ во организација на Агенцијата за вреботување.
Министерот истакна дека на почетокот на овој проект, поставвена е амбициозна цел: ранливите групи да добијат можност за економска независност, преку вклучување во специјализирани програми за развој на вештини и услуги.
„Преку Програмата за советување и мотивација на невработените лица од ранливите категории им помогнавме да го надминат својот страв од новото и непознатото и да направат чекор кон активна вклученост на пазарот на трудот. Советувањето и менторската поддршка не беа само технички алатки, туку вистинска поткрепа, која овие лица ја почувствуваа како поттик за промена. Втората компонента, Програмата за поддршка за вработување преку обуки, е клучот кон иднината на многу луѓе. Во неа беа вклучени пет мерки кои, директно влијаеа на подобрување на вештините и вработливоста на нашите граѓани. Завршените обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, значат дека денес имаме повеќе луѓе подготвени да се вклучат во работната сила и да одговорат на потребите на пазарот. Овие обуки не беа само начин за стекнување на вештини – тие на невработените лица ќе им отворат врати за нови можности и професионален развој. Обуката на работно место ги подготви невработените лица за реални предизвици на работните места, а со обврската на работодавачите да вработат најмалку 50% од обучените лица, осигуруваме дека овие обуки ќе водат кон реални работни позиции. Преку субвенционираното вработување невработените лица добија шанса да влезат на работа со директна финансиска поддршка. Тие луѓе денес имаат можност да изградат кариера и да придонесат за развојот на економијата. Програмата за практикантство пак, не само што ги подготви овие луѓе за идните работни позиции, туку ја зајакна врската помеѓу образованието и пазарот на трудот. Практичната работа е клучен елемент во развојот на секој професионалец. И конечно, Пилот-програмата Втора шанса не само што ја зголемува вработливост на невработените лица, туку им дава надеж за подобра иднина. Со ова докажуваме дека никогаш не е доцна да се вложи во себе и да се создадат нови можности, наброја министерот Дурмиши.
Според министерот проектот покажа дека со правилна стратегија, соработка и посветеност можеме да постигнеме многу.
„Резултатите од проектот не се само статистика, туку луѓе кои добија поддршка, нови можности и полесен пристап до работни места.Верувам дека научените лекции од овој проект ќе ни послужат како темел за идни иницијативи со кои ќе ја подобруваме вработливоста, ќе ја зголемуваме вработеноста и ќе овозможиме социјална инклузија на пазарот на трудот“ кажа министерот Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели, со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.
Македонија
Владина делегација на средби во УНЕСКО: Потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион
Владина делегација во состав Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, вчера и денес престојуваа во работна посета на Париз, каде остварија средби со високи претставници на УНЕСКО.
На средбите со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-та Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, беше разговарано за значењето на УНЕСКО во современиот свет како единствена мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областите на образованието, науката, културата и комуникациите.
Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство.
За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот.
Македонија
Утре променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.

