Македонија
Мицкоски: Aко нема правна држава нема да имаме инвеститори што ќе сакаат да ги инвестираат своите средства
За нас како Влада главна и стратешка определба претставува економијата, односно подобрување на перформансите на економијата, бидејќи ако немаме добра и стабилна економија, тогаш немаме ништо во државата, порача Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски на денешната прва конститутивна седница на Економскиот социјален совет.
Претседателот Мицкоски вели дека за да има стабилна економија мора да има владеење на правото, нешто кое што изминатиот период за жал го нема, додавајќи дека во периодот кој што следи следува и подобрување, бидејќи како што рече никој од инвеститорите дали од Македонија или надвор не сака да ги инвестира своите средства во држава во која не владее правото.
За да имаме добра и стабилна економија потребно е да имаме владеење на право, нешто кое за жал го немаме, и ќе се обидеме во периодот кој што следи да го подобриме и вистински да имаме владеење на правото, затоа што ако нема правна држава нема да имаме инвеститори кои што без разлика дали се од Македонија или се од надвор ќе сакаат да ги инвестираат своите средства. И во таа насока овие два параметри одат еден со друг, кажа тој.
Мицкоски нагласи дека дијалогот помеѓу синдикатите и работодавачите и Владата е важен за да се создадат услови за функционирање во кој ќе започне процес кој ќе води во насока на одржлива економија и владеење на правото.
Нормално тука е дијалогот помеѓу синдикатите и работодавачите во делот на креирање услови за да можеме да функционираме како што треба и мислам дека со оваа денешна конститутивна седница ќе започнеме еден таков процес кој што ќе не води во таа насока да имаме, најпрво одржлива економија, владеење на правото и квалитетен дијалог помеѓу овие три страни, синдикатите, работодавачите и Владата.
Претседателот Мицкоски посочи дека наследил распаднати институции со огромни долгови и тоа само по однос на тековни расходи заклучно до 24 јуни во Буџетот недостасувале 30 милијарди денари.
Имавме неплатени обврски кон приватниот сектор кој што сѐ уште се ажурираат од близу 200 милиони евра. Сега се и повеќе, како одминува времето така стигаат. Минус од отприлика 150 илјади евра во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, надвор од тековните обврски, за пензии за редовна исплата недостасуваат околу 5 милијарди денари. Недостасуваат од прилика 4,2 милијарди денари за редовна исплата на плати, во првичната верзија на Буџетот, дополнителни обврски по основ на јавни претпријатија кон меѓународни финансиски институции од 5,1 милијарда денари. Во Фондот за здравство недостасуваат од прилика 1,7 милијарди денари во првичната верзија на Буџетот, 800 милиони денари загарантиран минимален доход, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за стипендии, околу 300 милиони денари за блок дотации, 1 милијарда денари за субвенции кон компаниите кои работат во ТИРЗ, итн. Списокот е долг, се на се заклучно со 24 јуни недостасуваа во буџетот 30 милијарди денари за тековни расходи.
Жалам што Економско социјалниот совет претходно кога се креирал буџетот не бил така активен, како што поединци беа активни овие 100 дена. Но, таква е состојбата, изјави Мицкоски и додаде дека парите се обезбедени преку зголемување на наплатата во клучни сектори, а тоа се УЈП и Царинската управа потенцирајќи дека повеќе нема фиктивни компании кои измислуваат милионски суми за повраток на ДДВ и на тој начин ја крадат државата.
На крај Премиерот Мицкоски укажа дека Владата е партнер во кој што синдикалните здруженија и работодавачите ќе имаа доверба и ќе соработуваат, а не како страна која што сака да се наметне како авторитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

