Македонија
Дурмиши нов претседател на Економско социјалниот совет
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов и претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска, како претставници на социјалните партнери, денеска ја потпиша измената на Спогодбата за основање на економско социјалниот совет со новиот состав.
Согласно новата спогодба министерот за економија и труд ќе биде претседател на Економско социјалниот совет, а останати членови именувани од Владата ќе бидат министерот за социјална работа, демографија и млади, министерката за финансии и министерката за образование.
“Денеска официјално ќе ја одржиме првата седница која има свечен карактер и е конститутивна. За Владата е од клучно значење транспарентен социјален дијалог. Економско социјалниот совет е трипартитно тело на национално ниво преку кое ние во наредниот период ќе го водиме социјалниот дијалог, ќе ги слушнеме барањата и на работодавачите и барањата на синдикатите и ќе носиме заеднички одлуки и мерки кои ќе имаат главна цел да се подобри животниот стандард на граѓаните“, кажа министерот и додаде дека денеска бидејќи е конститутивна седница само ќе се слушнат барањата на синдикатите и работодавачите.
“Денеска ќе ги слушнеме барањата на сите, кои потоа ќе ги пратат официјално до Економско социјалниот совет и ние како точки на дневен ред ќе ги разгледаме во некоја од наредните седници.Сакам да порачам дека во наредниот период сите одлуки, мерки, закони ќе се носат транспарентно во рамки на Економско социјалниот совет и ние ќе ги слушнеме и ќе ги разгледаме сите барања“ кажа министерот Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

