Скопје
Јакимовски: Владата да си го плати заостанатиот долг за греење на основните училишта во Карпош
Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски ја повика Владата на Република Македонија да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта во висина од 8.3 милиони денари, затоа што локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
Јакимовски нагласи дека минатата година за децата да не останат без греење, општината издвои 6 милиони денари за оваа намена затоа што исто така Владата не сакаше да ги плати сметките. Тој се чуди, како централната власт си дозволува да одвои 36 милиони евра за споменикот на Мајка Тереза, но нема пари да си ги плати основните трошоци за да функционираат основните училишта.
„Локалната самоуправа само управува со основните училишта, а сите обврски кон училиштата ги покрива Владата, односно министерството за образование. Тие ги исплаќаат средствата преку т.н. блок дотации, кои што стигаат до општината,а ние само ги пренесуваме до училиштата. За жал, средствата што ги исплаќаат од министерството за образование до училиштата, ни од далеку не достасуваат за основните потреби на училиштата, а тоа е да се покријат основните трошоци за електрична енергија, да ги покријат трошоците за парно, за ѓубретарина, за вода и тн. Не станува збор за тековно и инвестиционо одржување. Сето тоа го покрива локалната самоуправа, а ние имаме обврска само да управуваме. Сето е на терет на Владата на Р. Македонија. Така стои во законот. Долговите на основните училишта на територија на општина Карпош изнесуваат вкупно 8.303.000 денари. Што тоа значи? Минатата година ова време, општина Карпош од својот Буџет одвои 6 милиони денари, и исто вака покри трошоци за греење на училиштата. Оваа година, гледате колку помалку има платено министерството за образование на училиштата за нивно нормално функционирање. Јас се обратив до министерството, а тие ми рекоа дека немаат денар пари, како знам да се снаоѓам. Е сега мене не ми е јасно. Како имаат пари за споменикот на Мајка Тереза 36 милиони евра, а да си ги платат основните трошоци за да функционираат основните училишта, за тоа немаат пари. Навистина е чудно. Јас и порачувам на Владата и на премиерот да го напуштат популизмот, бидејќи се нафатиле да водат држава. Ако водат држава, тогаш треба да обезбедат основните функции на државата, во кои што влегува и образованието да може нормално да егзистира и да функционира. Да се тргнат од голиот популизам во кои што сега ќе ги обезбедат тие 5 проценти за покачување на плати, а тоа го обезбедија преку не дозволување на вработување на ниту едно ново, повторувам, ново вработување во делот на образованието. Дали требало наставник, или технички персонал, и практично со тие средства тие вршат зголемување на тие 5 проценти, односно луѓето се спремаат за локални избори. Сакам да им кажам јасно дека локалната самоуправа се потруди максимално да постави скоро на сите училишта фотоволтаици. Сега набавуваме смарт табли, набавуваме и компјутери. Ништо од тоа, освен во времето на Груевски кога сме добиле компјутери, не сме добиле во делот на училиштата. Затоа ги повикувам овие 8 милиони и триста илјади денари Владата да си ги обезбеди и да си ги најде и да си ги плати на училиштата, затоа што локалната самоуправа не е должна ова да го прави, рече Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.



Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

