Култура
„Киненова“ продолжува да наградува европски филмски режисери, но и да поддржува македонска кинематографија: Улрих Зајдл и Гоце Цветановски на „Киненова“
На денешната прес-конференција на МФФ „Киненова“ присуствуваше годинешниот лауреат на наградата за животно дело, Улрих Зајдл, австриски режисер и Гоце Цветановски, чиј филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе го отвори утре годинешното издание на Фестивалот.
-Со нас денеска е еден од најинтересните филмски автори, сценарист, режисер и продуцент, Улрих Зајдл од Австрија. Режисерот кој уште пред да го побуди вниманието во 2001 година со „Тегобни денови“, го побуди вниманието и пред тоа на многу филмски фестивали со своите необично креативни документарци кои до коска ги соголуваат неговите протагонисти и проговоруваат за тривијалноста и хипокризијата на западното општество, начинот на кој тоа општество ги гради своите стереотипи и како ни ги наметнува. Добитник е на многу награди, но истата година кога ја добива наградата на жирито во Венеција, во 2001 година, ФИПРЕСЦИ во Братислава го наградува со награда за филмот „Dog Days“, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на МФФ Киненова, претставувајќи го годинашниот лауреат.
Зајдл проговори за тоа како наместо свештеник станал режисер, и им порача на младите режисери најпрво да ја запознаат околината, па потоа да се определат за оваа професија.
-Јас бев набљудувач и така научив за општеството и за меѓучовечките односи. Се прашував : Што е човекот сам по себе? И затоа почнав прво со документарните филмови. Заблуда е да се мисли дека документарниот филм дава објективен приказ и дека ја претставува стварноста каква што е, рече Зајдл.
По природа вели дека е љубопитен човек и многу се радува што е во Македонија.
-Почестен сум што добивам награда за животно дело, но верувам дека моето животно дело сеуште не е завршено. Драго ми е што во деновите што се пред мене ќе имам можност да се запознаам со многу нови нешта овде, рече Зајдл.
„Киненова“ освен тоа што продолжува да кани европски филмски режисери продолжува да ја одржува нишката на поддршка на македонската кинематографија. Во таа насока и проекцијата на првиот анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“, кој утревечер во 20 часот го отвора Фестивалот во МКЦ, е полн погодок.
-Ова е македонска премиера на која и претходеше светска премиера. И овој филм како секое уметничко дело се раѓа низ борба. Главен елемент во филмот е хуморот кој потсетува на „Автостоперскиот водич низ Галаксијата“ и иако се случува во Универзумот сепак се случува овде, истакна Игор Анѓелков, селектор на главната програма на Фестивалот.
Покрај тоа што филмот е прв македонски долгометражен анимиран филм тој е и најголемиот копродукциски проект во регионов.
-Успеавме да собереме огромна екипа од преку 150 луѓе од 5-6 држави и сега почнуваме и со фестивалска и кино дистрибуција на филмот. Драго ми е што филмот е завршен по 10 години работа и покрај предизвиците од ковид пандемијата, па и административни препреки, но сега е овде и публиката може да ужива во него. Сега чувствувам дека направивме нешто што е важно за нашата земја. Хуморот е специфичен и се плашев како ќе биде прифатен хуморот, но засега одлично поминува. Но, исто така важен дел од филмот е темата за толеранцијата и антивоена порака, која покрај хуморот доминира во филмот, рече Цветановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

