Црна хроника
Пронајдени 50 000 евра, приведени 15 царински службеници и полициски службеник за поткуп
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под раководство на предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, вчера во попладневните и вечерните часови спроведоа голема полициска акција под кодно име „Премин“.
Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка што обвинителството во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР ја спроведуваше по доставена пријава од граѓанин против три лица.
Во текот на акцијата беа извршени претреси на 26 локации во Струмичко-гевгелискиот регион и притоа се лишени од слобода 14 царински службеници од Царинската управа на РСМ, еден пензиониран царински службеник и еден полициски службеник. При претресите се пронајдени парични средства што биле примени како поткуп, во вкупен износ од 50.000 евра.
Според диспозитивот од кривичната пријава против 15 лица што Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР ја достави до ОЈО ГОКК, произлегува дека 13 од осомничените лица како вработени во Царинската управа на РСМ, а распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран сториле кривично дело Примање поткуп по член 357 став 1 од КЗ, додека две лица се пријавени за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 од КЗ.
Осомничените во временскиот период започнувајќи од 21.03.2023 година, па сѐ до вчера – 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа. Така, увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки. Согласно КЗ за кривичното дело Примање поткуп запретената казна е од четири до десет години затвор, додека за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување е предвидена казна затвор од шест месеци до три години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Истрага против четири лица за пронајдени дрога и оружје во Брвеница
Тетовското обвинителство поведе истражни постапки против вкупно 4 лица по оретресите во Брвеница, во кои беше пронајдена наркотична дрога и оружје.
Тројца од нив се осомничени за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Така, кај еден осомничен биле пронајдени пиштол со 2 куршуми во рамка и уште 20 куршуми за автоматска пушка. Кај друг осомничен полицијата пронашла 55 куршуми, oд кои 53 куршуми боева муниција забранета за граѓаните, додека кај третиот бил пронајден пиштол без шаржер.
Четвртото лице кај себе држело 3,15 грама кокаин во моментот на претресот, поради што му е поведена истрага за – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.
По краткотрајниот 48-часовен притвор за обезбедување докази, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени, додека за еден се предложени мерки на претпазливост.
Црна хроника
Со џип му го пресекол патот и му се заканувал со пиштол: драма во Скопско
На 29.01.2026 околу 15:00 часот во СВР Скопје, Н.М.(43) од с. Долно Свиларе, скопско, пријавил дека околу 11:15 часот во с.Долно Свиларе, додека се движел со патничко возило, му бил пресечен патот од возило „џип“, управувано од Р.Н..
Тој излегол од возилото и му се заканувал со пиштол на пријавителот.
Полицијата информира дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Со остар предмет им се заканувал на снаата и синот па искршил дел од покуќнината
Утрово во 03:50 часот полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со Б.Ш.(65) од Скопје.
ПОлицијата постапила по претходна пријава од неговата 58-годишна снаа дека на 29.01.2026 околу 22:00 часот во семејниот дом во Скопје, тој по претходна вербална расправија, со остар предмет упатил закани кон неа и нејзиниот 30-годишен син, а потоа искршил дел од покуќнината.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок, информираат надлежните.

