Култура
„Кармина Бурана“ – триумфална изведба во Националната опера и Балет
Синоќешната изведба на „Кармина Бурана“ во Националната опера и балет беше вистинско уживање за љубителите на сценската уметност, пружајќи извонредно искуство и спојувајќи ги силната музика, динамичната кореографија и визуелниот раскош. Под диригентската палка на
Иван Еминовиќ, ова познато дело на Карл Орф оживеа пред публиката, според организаторот.
Кореографската верзија на Кан Арслан внесе свежина во познатото дело, каде што совршено беше избалансирана комбинацијата на танцовите движења и моќната музичка партитура. Посебен момент од вечерта беше изведбата на „О Фортуна“, кога балетските уметници, во впечатливи костими, со своите енергични и прецизни движења ја воодушевија публиката.
Хорот на Националната опера и балет, заедно со солистите на операта, Надe Талевска- сопран, Благој Нацоски – баритон и Денис Димоски – контра-тенор, беа клучниот елемент на оваа изведба. Нивната вокална моќ и емоционална длабочина ги донесоа на сцена темите на „Кармина Бурана“ –судбината, љубовта и желбата. Хорот успеа да ја задржи динамиката на изведбата, создавајќи силен звучен ѕид кој постојано се усогласуваше со оркестарот и балетот на сцена. Нивната изведба беше врвот на вечерта, а публиката ги награди со долготраен аплауз.
Диригентот Иван Еминовиќ со извонредна прецизност го водеше оркестарот низ комплексната партитура на Орф, вешто истакнувајќи ги контрастите помеѓу нежните и експлозивните делови. Оркестарот брилијантно ја изведе секоја партитура, овозможувајќи ѝ на публиката целосно
да го почувствува емоционалниот распон на ова големо дело.
„Кармина Бурана“ во изведба на Националната опера и балет, беше извонреден уметнички подвиг. Спојот на визуелниот, музичкиот и кореографскиот израз создаде претстава што ја маѓепса публиката и докажа зошто оваа институција останува еден од водечките столбови на културниот живот во Македонија, истакнува организаторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

