Македонија
(Видео) Лефков: СДС и ДУИ свесно ја заглавиле Македонија на патот кон ЕУ за да можe да крадат
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, МИле Лефков оценува дека СДС и ДУИ првин ја заглавија Македонија на патот кон ЕУ, а сега глумат големи душегрижници.
СДС и ДУИ, додава тој, се проблемот, и тие во никој случај не можат да најдат, ниту дадат решение за истиот.
„Лошите политики на СДС и ДУИ изминатиов период пропратени со криминал и корупција ја забетонираа државата на дното, за да останат ден повеќе на власт лажеа со месеци и ветуваа работи кои не зависат од нив, ниту пак можеле да ги реализираат.
И СДС и ДУИ свесно ја заглавиле Македонија, за да можат да крадат.
Излегоа на површина сите нивни сценарија, од заробеното судство и обвинителство, преку криминалните тендери, се само со цел лично богатење на поединци. И сега кога се целосно демаскирани се обидоа на база на манипулации да креираат дестабилизација, што нема да успее“, истакнува Лефков.
Според него, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од таа на СДС и ДУИ работи одговорно и посветено во насока на раст и развој и членство на земјата во ЕУ. Неспособноста заврши со СДС и ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот Мисајловски на состанок на Северноатлатнскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана
Министерот за одбрана Владо Мисајловски од денеска учествува на дводневениот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана, во Брисел.
Ова е прв состанок на НАТО на високо ниво по Самитот во Вашингтон и воедно прв состанок што го води новиот генерален секретар Марк Руте.
На одделните сесии, главни теми за дискусија се: одвраќањето и одбраната на Алијансата, поддршката за Украина, и зајакнувањето на соработката со земјите од Индо-пацификот.
Целта на состанокот е преглед на имплементацијата на одлуките од Самитот во Вашингтон во насока на зајакнување на капацитетите на Алијансата за одговор на растечките закани и предизвици.
Денеска беше оддржан и Состанок на земјите членки на Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во организација на САД, со која претседаваше секретарот за одбрана Лојд Остин. Од страна на Министерот Мисајловски беше потенцирано дека справувањето со тероризмот останува од суштинско значење за колективната одбрана, во рамките на која македонската Влада ќе продолжи да соработува со своите сојузници.
На сесијата со глобалните партнери, покрај висок претставник на Европската Унија, за прв пат се поканети и министрите за одбрана на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја, на која се разговараше за тековните предизвици и неделивоста на глобалната безбедност.
Посебна сесија е посветена на јакнењето на соработката со Украина и јакнењето на глобалните партнерства. Во присуство на претседателот Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, ќе се разговара за новата НАТО Команда за координација на помош и обука за Украина, финансиската поддршка и за другите иницијативи што ќе овомзможат долгорочна помош.
На маргините на состаноците, министерот Мисајловски оствари одделни билатерални состаноци со своите колеги од Албанија, Норвешка и Словенија, и се заложи за понатамошно зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната.
Македонија
МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија
Претседателството на МАНУ укажува дека Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, односно со работи кои спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и на државните институции, се наведува во соопштението од МАНУ во однос на најавите од некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија.
– Напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање на т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (Академија за архитектура, Академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање на паралелни национални академии, се подвлекува во соопштението од Претседателство на МАНУ.
„МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другото, во последните петнаесетина години, во составот на МАНУ членуваа четири члена со албанска етничка припадност (од коишто, во трите последователни раководства, еден од нив ја извршуваше функцијата научен секретар, а двајца беа потпретседатели на Академијата, од кои еден и со мандат во актуелното раководство на Академијата), како и четири члена надвор од работниот состав“, посочуваат оттаму.
МАНУ, се наведува во соопштението, претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, формирана во 1967 година, во согласност со највисоките универзални научни и уметнички стандарди и критериуми. Таа, повеќе децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, преку своето творештво и со советодавната улога, претставува столб во градењето и во зачувувањето на идентитетот и на државноста на македонскиот народ и на деловите од другите народи кои живеат во земјата.
Македонија
Почина композиторот Љупчо Константинов
Почина познатиот композитор Љупчо Константинов. Константинов беше препознатлив по неговата музика „Среќна нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други.
Од неговата песна „Еј ти, младо момче“ во изведба на групата „Индекси“, неговата наградувана и изведувана авторска музика се смета за македонско музичко богатство.
Тој дипломирал на Музичката академија во Белград. Компонирал музика во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број на телевизиски филмови, серии и драми.
Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста. Композиторот во 2019 година ја доби ѝ наградата „Голема ѕвезда“ на македонскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а ја добил и наградата „Златен објектив“ за 2023 година, која ја доделува Кинотеката на Македонија.