Манифестации
Богата програма на Вевчанскиот карневал од 9ти до 14ти јануари
Манифестацијата Вевчански карневал, настанот кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар во 2015. година, годинава ќе се одржи со богата програма внимателно селектирана за на најдобар начин да го долови уникатниот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава, велат организаторите.
Во 2015 година програмата на Вевчанскиот карневал ќе се одвива од 9ти до 14ти јануари. Во рамки на програмата ќе бидат одржани повеќе свечености, промоции, перформанси, концерти на познати музички групи и секако традиционалната карневалска поворка која ќе финишира со традиционалното палење на маските на 14ти јануари, со што и официјално ќе биде затворен Вевчанскиот карневал.
Манифестацијата веќе ја потврди главната музичка програма кој ќе се одржи на 12ти и 13ти јануари, а која пред посетителите ќе ги претстави настапите на повеќе значајни музички имиња од земјава и регионот, велат од Пасворд продукција.
На 12ти јануари во рамки на оваа програма во Вевчани со концерт ќе гостуваат „Суперхикс“ и хрватскиот легендарен бенд „Прљави казалиште“.
На 13ти јануари музичката програма на Вевчански карневал ќе ја предводи музичкото име кое на најдобар начин го негува традиционалниот македонски звук, групата „Љубојна Брас Фантази“. Покрај нив оваа вечер гостите на Вевчанскиот карневал ќе ги забавува и Елена Велевска.
На манифестацијата се предвидени и трибини, како и настап на КУД „Дримкол“ во чии рамки постои и патувачкиот театар.
Вевчанскиот карневал секоја година го посетуваат повеќе од 50.000 луѓе дневно од земјава и странство и уживаат во програмата на фестивалот со кој се одбележува Василица.
Вевчани со својата и онака специфична локација во прекрасното природно опкружување, за време на овој настан со секој свој дел прераснува во голема отворена сцена подготвена да ги пречека илјадниците посетители на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.
Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува повеќе од 1.400 години и кој се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, а генерален спонзор е Т-Мобиле.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.