Свет
ОН: Популацијата на Украина се намали за 10 милиони по руската инвазија
Популацијата на Украина се намали за повеќе од 10 милиони луѓе од руската инвазија во февруари 2022 година, што предизвика егзодус и пад на наталитетот, соопштија ОН.
„Генерално, гледаме дека населението во Украина е намалено за повеќе од 10 милиони луѓе од почетокот на војната“, рече регионалната директорка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), Флоренс Бауер, за време на брифингот со новинарите во Женева повикувајќи се на податоци од украинската влада.
Таа објасни дека овој пад е поврзан со комбинација на фактори и нагласи дека уште пред ескалацијата на војната Украина се соочувала со значителни демографски предизвици.
„Земјата ја имаше една од најниските стапки на наталитет во Европа. Голем број луѓе веќе ја напуштија земјата за да ги испробаат сите можности што им беа достапни. Населението старее, а целокупното население се намалуваше“, рече Бауер.
„Оваа ситуација не е нетипична за источна Европа бидејќи многу земји доживуваат слични демографски трендови“, додаде таа. „Но, со големата инвазија на Русија, која почна во 2022 година, ситуацијата стана многу полоша“, објасни таа.
Таа истакна дека стапката на фертилитет е намалена и во моментот изнесува околу едно дете на жена, што е едно од најниските во светот и е многу под прагот за обновување на населението од 2,1 дете на жена.
„Исто така, 6,7 милиони луѓе ја напуштија Украина и значителен број луѓе загинаа поради конфликтот“, додаде претставникот на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ердоган: Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС
Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС и очекува дека претстојниот самит во Казан ќе даде поттик на овој потфат, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Искрено сакаме да ја продлабочиме нашата соработка со БРИКС. Верувам дека самитот во Казан значително ќе придонесе за овие напори“, рече Ердоган во Анкара.
Според турската телевизија ТРТ Хабер, Ердоган потврдил дека „на покана на рускиот претседател Владимир Путин утре ќе го посети Казан за да учествува на проширената средба на лидерите на БРИКС“.
Свет
Италијанец пред 20 години направил скара во дворот и поради тоа се’ уште се тужат со соседот, отпочната нова постапка
Невообичаен спор меѓу две италијански семејства за скара која е премногу блиску до оградата продолжува и по 20 години, објавија денеска италијанските медиуми.
Судот во градот Тавернеле во провинцијата Виченца го врати овој случај пред Апелациониот суд во Венеција, пишува „Кориере дел Венето“.
Спорот започнал во далечната 2004 година кога семејството Тонин се обратило до судот во Виченца бидејќи им пречел чадот од скарата на нивниот сосед, за која велат дека била изградена премногу блиску до оградата меѓу двата имота.
Во 2007 година, првостепениот суд го одби барањето за уривање на скарата од тули, сметајќи дека не се работи за градба која би била опфатена со уредбата за урбанистичко планирање.
Наместо тоа, судот му наложи на семејството Коча-Монтеризис да најде начини да го намали количеството чад што е вознемирувачко.
Семејството Тонин ја обжали оваа одлука, за да го изгубат случајот повторно во 2019 година. Потоа двете семејства поднесоа жалба до Врховниот суд, кој сега нареди нова постапка, прифаќајќи ја жалбата на Тонин, со образложение дека скарата од тули мора да се смета и за „изградена структура“ и дека поради тоа подлежи на прописите за урбанистичко планирање.
Свет
Ал Судани: Убиен командант на ИСИС за Ирак
Ирачкиот премиер Мохамад Шија ал-Судани денеска соопшти дека командантот на Исламската држава (ИСИС) за Ирак е убиен во операција во планините Хамрин во североисточен Ирак.
Не беа објавени дополнителни информации во врска со ова, објави иранската новинска агенција Мехр.
ИСИС, која го нападна Ирак на 7 јуни 2014 година и за кратко време успеа да заземе околу 45 отсто од територијата на земјата, беше поразена во ноември 2017 година.
Сепак, оттогаш преостанатите членови на оваа група се присутни и активни во Ирак и Сирија и одвреме-навреме извршуваат терористички напади, наведува иранската агенција.