Македонија
Казни за антиваксерите ќе се предвидат со стратегијата за вакцинирање во Македонија, најави Таравари
Дали и какви мерки може да се преземат против антиваксерите во земјата ќе се знае откога ќе се изработи стратегија за вакцинирање. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека на неа веќе се работи.
„За жал, антиваксерството, не само во Македонија туку во регионот, како и во светот, зема сè поголем замав. Ние со Светската здравствена организација подготвуваме стратегија за вакцинација во Македонија. Се надевам дека во ноември или во декември ќе го промовираме тоа. Тука ќе кажеме конкретни чекори и што можеме да преземеме законски за оние што шират дезинформации и лажни вести. Засега не можам да кажам нешто конкретно бидејќи не знам кои се нашите можности како Министерство за здравство. Би сакал да ја видам стратегијата комплетно и преку тоа да предвидиме одредени мерки, доколку можеме да преземеме такви“, рече министерот Таравари.
Тој нагласи дека антиваксерството, за жал, е веќе глобален проблем и мерките ќе се предвидуваат во соработка со Светската здравствена организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова – Фон дер Лајен: изразено очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствaри средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
На средбата беа разменети мислења и информации за евроинтеграцискиот процес на земјава и перспективите за напредок, имплементацијата на реформите и придобивките од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Заблагодарувајќи се за нејзиниот личен ангажман и заложби во однос на проширувањето, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија.
Претседателката истакна дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на ЕУ и изрази очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми, пoтенцирајќи дека во нив е клучот за нашиот развој.
Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите.
Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување.
Во контекст на регионалните случувања, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека напредокот постигнат од секоја земја-кандидат од Западен Балкан позитивно влијае на регионалната динамика на пристапување во ЕУ и ги истакна своите заложби за натамошно унапредување на севкупната регионална соработка во интерес на заедничката стабилност, безбедност и просперитет.
Македонија
Љутков и Сирс потпишаа меморандум за разбирање: платформа за развој на културната и креативната економија
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и директорката на канцеларијата на Британскиот совет за Западен Балкан, Клер Сирс, денеска потпишаа Меморандум за разбирање за периодот 2024 – 2027 година, кој е важен чекор кон зајакнување на соработката во областа на уметноста, културата и креативната економија.
Со потпишувањето на Меморандумот се реафирмира 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, а со тоа и можноста за поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја и засилени кампањи за нивна афирмација.
„Потпишувањето на овој меморандум е потврда за добрите односи меѓу канцеларијата на Британскиот совет и Министерството за култура и туризам. Соработката ќе овозможи размена на знаења и искуства, како и реализација на различни проекти кои ќе го зголемат влијанието на креативната економија и ќе ја збогатат културната понуда во земјава“, рече Љутков.
Министерот изрази уверување дека Меморандумот ќе отвори нови можности за културна размена и соработка помеѓу уметниците и нагласи дека тој ќе биде платформа за иновации и креативност, а тоа ќе придонесе за подобрување на културниот дијалог и развој на локалната културна сцена. Таквата соработка ќе им овозможи на уметниците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти.
Со Меморандумот е предвидено да се спроведуваат проекти и активности во следниве области: градење капацитети за професионалци, филм, музика, визуелни уметности, театар, игри, технологија, културно наследство, дизајн, архитектура, мода и издаваштво.
Директорката Сирс очекува потпишувањето на Меморандумот за разбирање и улогата на Британскиот совет да придонесат за продлабочување на културните врски и за зголемување на иницијативите за реализација на значајни проекти.
„Овој меморандум за разбирање го означува почетокот на една нова ера во нашата соработка со Северна Македонија. Ќе бидеме непосредно вклучени во дополнителното зајакнување на енергичната креативна економија на земјата, особено во контекст на претстојните големи настани кои ќе понудат единствена можност да се прикаже талентот на Северна Македонија на пошироката сцена. Посебно сум задоволна што нашето партнерство доби нов замав благодарејќи на министерот Зоран Љутков и со нетрпение очекувам ова да биде првиот од многуте проекти што ќе ги реализираме заедно“, изјави Сирс.
Амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Метју Лосон, кој присуствуваше на потпишувањето, рече дека овој документ е значаен чекор за долгорочна и продуктивна соработка меѓу двете земји.
„Особено сум горд и се радувам што присуствував на денешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу Британскиот совет и Министерството за култура и туризам. Ова е потврда за продлабочување на нашите културни врски и британско-македонските односи. Одбединетото Кралство има многу да понуди во однос на креативните економии и развој на овој сектор во земјата. Заедно ќе работиме кон реализирање на многубројни проекти со поддршка од Британскиот совет и во соработка со Министерството за култура и туризам”, истакна Лосон.
Очекувањата се дека Меморандумот ќе придонесе за продлабочување на културните врски и за зголемување на заедничките иницијативи.
Македонија
Средба Меџити – Миљаниќ: Градење партнерство и пат кон европската интеграција
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска го прими амбасадорот на Црна Гора Зоран Миљаниќ.
Амбасадорот Миљаниќ му честиташе на вицепремиерот Меџити за неговата нова функција и ја оцени оваа средба како одлична можност да се истакне важноста на односите и да се зајакне соработката меѓу двете држави.
Тие разговараа за можностите за економски развој преку соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора. Беше нагласена потребата од идентификување заеднички проекти што ќе ги промовираат инвестициите и ќе придонесат за одржлив раст на економиите на двете држави. Меџити и Миљаниќ се сложија дека секторите туризам, енергетика и земјоделството нудат голем потенцијал за соработка.
Друга важна заедничка точка во разговорите беше патот кон членство во Европската Унија. Двете земји се посветени на исполнувањето на потребните критериуми и унапредување на реформските процеси, при што заемната соработка ќе биде клучна за постигнување на оваа заедничка цел.
Вицепремирот Меџити ја потврди својата и посветеноста на институциите за зајакнување на односите со Црна Гора и за заедничка работа кон успешна иднина во Европа.
—