Македонија
Тензијата на Ахмети со писмата е политички популизам, „Европскиот фронт“ се раслојува, вели Минчев
Не постои опасност за нарушување на безбедноста на државата на која укажува ДУИ по укинувањето на балансерот за вработување во јавната администрација, а ако сакаат таква пракса да се воведе министерот за јавна администрација Горан Минчев вели дека за него тоа е неприфатливо. Постапките на ДУИ ги смета за политички популизам поради раслојување на Европскиот фронт.
„Прес-конференциите или, пак, тензијата што ја држи во општеството господинот Ахмети, сега и со последниот чин на праќање писма кон нашите европски партнери, па кон Мицкоски, е прашање на еден политички популизам. Претставниците на ДУИ кои беа во минатата Влада, во рамки на националната стратегија од 2023 до 2030 година за реформи во јавната администрација исто така имаат донесено одлука и потврдиле дека балансерот бил предмет на злоупотреба и дека треба да биде укинат. Од тој аспект велам дека ова е политички популизам, а пред се се однесува на она кое сега се случува во ДУИ, тоа е, како што сведочи целата јавност, раслојување на таа таканаречена коалиција Европски фронт“, рече министерот Минчев.
Во Министерството не се работи на ново законско решение за правична застапеност на заедниците. Министерот Минчев смета дека не треба да се брза со новото решение.
„Мора да имаме трпение затоа што ние сме имале и ситуации кога од 2001 до 2015 не постоел балансер, но уставната категорија, правичната застапеност на етничките заедници се имплементирала. Мора да дојдеме до сериозно решение да не се најдеме повторно во ваква ситуација, а тоа е Уставниот суд да укинува одредени членови или одредби од евентуалното идно законско решение“, рече министерот Минчев.
Утрово лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му испрати писмо на премиерот Христијан Мицкоски во кое предупредува дека секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.
Премиерот Мицкоски не сакаше да го коментира писмото од Ахмети оти рече дека не го добил, но кога ќе добие ќе му одговори како што одговара на сите писма што ги добива од граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

