Македонија
Николовски на средба со Димовски: ги унапредуваме царинските процеси со цел зајакнување на економската безбедност и подобрување на условите за водење бизнис
Економската безбедност и зачувување на финансиските интереси на државата преку поголема ефикасност во наплатата на приходи се клучни приоритети на Царинската управа, при што работиме на унапредување на царинските процеси сè со цел подобрување на конкурентноста на македонската економија.
Ова беше главната тема на којашто денеска директорот Бобан Николовски дискутираше со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски. Во однос на прашањата кои беа тема на дискусија на состанокот директорот оствари и работна посета на Царинска испостава Слободна зона Скопје со цел увид на состојбите на терен.
Директорот на Царинска управа Бобан Николовски, истакна дека унапредување на царинските постапки и олеснување на легалната трговија, но и сузбивање на нелегалните дејствија е клучно за подобрување на условите за водење бизнис и привлекување нови странски инвестиции.
Двете страни воедно договорија унапредување на соработката помеѓу двете институции.
„Обезбедувањето на поволна инвестициска клима е нашата главна цел, а успешната соработка со Царинската Управа е од клучно значење, олеснувајќи го работењето на компаниите во зоните, при што се нудат нови можности за зголемување на нивниот капацитет за раст и развој“, истакна Димовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков оствари средба со Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс: разговарано за планираните реформи во правосудството
Министерот за правда Игор Филков оствари билатерална средба со Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, на маргините на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој се одржува во Будва.
Беше изразена благодарност за напорите на Европската унија за континуираната поддршка во процесот на пристапување и реформите.
На средбата се разговараше за владеењето на правото, законодавната агенда и планираните реформи во правосудството кои се содржани во Развојната секторска стратегијата за правосудство ( 2024-2028).
Како особено значајна беше посочена дигитализацијата која треба да овозможи напредок и побрз, потранспарентен и поефикасен начин на функционирање кој значително ќе придонесе за развој на општеството.
Македонија
Тошковски потпиша аранжман со кој Македонија се приклучува кон Европската мрежа за миграција на Европската унија
Делегација предводена од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска и утре во Будва, Црна Гора учествува на министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи. Главни теми на разговор на форумот, на кои свое обраќање имаше Тошковски, се борбата против транснационалниот организиран криминал и недозволената трговија со дрога и луѓе, миграцијата, азилот и управувањето на границите – ЕУ акциски план за Западен Балкан.
Тошковски во рамките на форумот оствари средба со еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, при што беше потпишан Административен аранжман за воспоставување соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Комисијата во Европската мрежа за миграција.
Целта на Европската мрежа за миграција е да ги задоволи потребите за информации за миграција и азил на институциите на Унијата и на властите и институциите на земјите членки, преку обезбедување на ажурирани, објективни, веродостојни и споредливи информации за миграција и азил, со цел поддршка во креирањето политики во Европската Унија за овие области.
Oвој аранжман служи како официјален документ со кој се потврдува нaшето приклучување во европската миграциска мрежа на Европската Унија. Тоа во принцип значи да обезбеди пристап на МВР до ажурирани, објективни, веродостојни и споредливи информации генерирани во рамки на Европската мрежа за миграција за ситуацијата со азилот и миграцијата во земјите членки на ЕУ, кои што се предмет на протоколи за доверливост и споделување информации според Правилата за заштита на податоците на Унијата.
Тошковски нагласи дека претставниците на Министерството за внатрешни работи во иднина ќе учествуваат на состаноците на Европската мрежа за миграција и треба да имаат надлежности во областа на азил и миграција, покривајќи аспекти на креирање политики, право, истражување и статистика.
На првата сесија тој ги презентираше резултатите оваа година во борбата со организираниот криминал како сузбивањето организирана криминална група составена од 13 члена која организирала криумчарење мигранти и пет криминални групи од областа на недозволена трговија со дрога кои дејствувале меѓународно, локално и национално и нагласи дека само унифициран, координиран и стратешки пристап е од клучно значење во борбата против овие закани и само со заеднички ресурси и заедничка решителност, може да се да направат значителни чекори во заштитата на нашите нации, заштитата на нашиот народ и обезбедувањето на правдата..
На сесијата на форумот за зајакнување на миграцијата, азилот и управувањето со границите со ЕУ – Акциски план за Западен Балкан, Тошковски во свето обраќање ја потенцираше интензивната соработка со ФРОНТЕКС и фокусираноста на регионални проекти финансирани од ЕУ кои се насочени кон зајакнување на човечките, техничките и други капацитети за поефикасно управување со границите.
Македонија
СДС демолирана, наместо да шират дезинформации и да се впуштаат во лов во матно, да ги научат правните норми и прописи по кои работи ЈПДП , велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС демолирана, наместо да шират дезинформации време е конечно да започнат со консолидација на партијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наводниот скандал за кој тврди СДС во ЈПДП за 40 те возила кои се пропуштени без да платат патарина е хуманитарен конвој кој години наназад, откако почнал поминувал без да плати патарина. Тоа било пракса и тоа СДС добро го знаат.
СДС прво да ги научи правните норми и прописи по кои работи ЈПДП, да ги разберат, да научат да ги толкуваат, за потоа да можат да увидат дали постои прекршување, злоупотреби или евентуално простор за санкции, за да не се сведуваат на ниво на шпекулации и „лов во матно“.
Јавното претпријатие Државни патишта работи според сите законски прописи и за 4 месеци направи повеќе отколку СДС за 7 години.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 4 месеци направи повеќе отколку СДС и ДУИ за 7 години и тоа народот го гледа на дело“, нагласуваат од партијата на власт.
Додаваат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно работи за конечно државата да стане домаќин на три раскрсници, транспортна, железничка и енергетска. Приоритет на оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што велат е економска трансформација и градење на институциите и инфраструктурата.
„Наместо да манипулираат и шират дезинформации, СДС треба сериозно да се зафати да си ја консолидираат партијата и да не шират шпекулации“, се истакнува во нивното соопштение.