Македонија
Царинската управа: Запленети 109 кг режен тутун, цигари, облека од познати модни брендови
Режен тутун во вкупна количина од 109,5 килограми е запленет од страна на мобилен тим во координација со СВР Битола при МВР. Режениот тутун е одземен од албански државјанин со регулиран престој во Битола во моментот кога требало да ги преземе кесите со тутун од возачот на автобус на превозна фирма од Битола. Лицето не поседувало документи за потекло и платени акцизни давачки, информираат од Царинската управа.
Со ова, како што појаснуваат, е спречен обид за пуштање во промет акцизна стока за која е избегнато плаќање давачки од 379 илјади денари. Запленетата стока согласно законските прописи ќе биде предадена во Агенцијата за управување со одземен имот, а против лицето ќе биде поднесена кривична пријава заради прекршување на Кривичниот законик.
Спречени се и обиди за шверцување 44 штеки цигари по извршените контроли на камиони на граничен премин Богородица и на Меџитлија. Притоа 38 штеки цигари без акцизни маркички се запленети во два случаја на извршена контрола на товарни моторни возила со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничниот премин Богородица. Останатите 6 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Против сторителите се поведени соодветни постапки.
„814 парчиња детска спортска облека со ознаки на заштитени трговски марки, се запленети од страна на мобилни царински тимови, поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Случајот е откриен при контрола на стока со потекло од Кина сместена во јавен царински склад, наменета за фирма од Тетово. Поведена е постапка за утврдување на оригиналност на стоката.
105 резервни делови за возила и 8 литри моторно масло, се запленети од страна на мобилен тим на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа во соработка со полициски инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Исток.
Случајот е откриен при контрола на патничко комбе на магистралниот пат граничен премин Делчево – село Звегор. За непријавените автоделови за кои возачот изјавил дека се негова сопственост, истиот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
34 парчиња резервни делови и 29,5 литри течност за чистење за машини за прехрана, се запленети од страна на царински службеници на граничен премин Богородица по контрола на автомобил со грчки регистарски таблички, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата. Против возачот е поведена прекршочна постапка.
157 пакувања витамини и суплементи, храна и разна опрема за домашни миленици, и 5 штеки цигари со вкупна вредност од 156 илјади денари се запленети по извршена контрола на автомобил со косовски регистарски таблички, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Против возачот е поднесена соодветна постапка.
Спречен нелегален изнес на 3.800 евра кои македонски државјанин сакал без да ги пријави да ги изнесе од државата преку граничен премин Блаце. Имено при извршена контрола во соработка со полициски службеници, во чантата на патникот биле пронајдени 5.800 евра за кои лицето не поседувало документ за потекло. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 2.000 евра. За сторениот девизен прекршок против возачот е поведена прекршочна постапка.
113 парчиња разни производи, меѓу коишто облека, обувки, рачни часовници, козметички производи, автогалантерија и друго се откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави за царинска контрола, возачот одговорил негативно и инсистирал побргу да биде пуштен да ја премине граничната линија. Поради сомнение е извршена детаљна контрола, при што во багажникот биле пронајдени непријавените производи спакувани како поштенски пратки“, соопштија од Царинската управа.
Известуваат дека производите се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Коалицијата Менуваме“ ќе предложи закон за онлајн регистар за деца и млади со попреченост
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека подготвила нацрт-закон за онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби кој го споделува во јавноста за консултации и сугестии, по што ќе го достави во Собранието, Владата и во неколку министерства.
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека регистарот е дизајниран исклучиво за подобрување на институционалната координација, обезбедување континуитет на поддршката, намалување на административната дупликација и овозможување развој на информирани јавни политики преку агрегирани и анонимизирани податоци. Во сите фази од неговото воспоставување и употреба, како што наведува, регистарот целосно ќе ја почитува заштитата на личните податоци, приватноста, минимизирањето на податоците и ограничувањето на намената, во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди. Посочува и дека законот што го подготвиле не воведува нови механизми за категоризација или надзор ниту, пак, создава јавна база на податоци.
-Напротив, воспоставува строги контроли на пристап, јасно дефинирани институционални одговорности и робусни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, неовластен пристап или откривање на чувствителни информации. Децата и лицата со попреченост и посебни потреби се меѓу најранливите членови на општеството и им е потребна навремена, координирана и континуирана поддршка од повеќе институции. Остварувањето на нивните законски загарантирани права често зависи од ефикасноста, точноста и интероперабилноста на административните, социјалните, образовните, здравствените и другите јавни институции. Во огласност со принципите на човеково достоинство, еднаквост, недискриминација и најдобриот интерес на детето и лицето, овој нацрт-закон воспоставува онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби како безбеден, централизиран и нејавен електронски систем, се наведува во соопштението.
Јавната кокуникација за одготвениот нацрт-закон, додава „Коалиција Менуваме“ ќе биде ограничена на општа, објаснувачка и образовна содржина, обезбедувајќи целосно заштита на достоинството, приватноста и правата на децата и лицата со попреченост и посебни потреби.
-Со донесувањето на овој закон, Република Северна Македонија ја потврдува својата посветеност на инклузивно управување, дигитална одговорност и создавање систем кој одговара на реалните потреби на децата и лицата со попреченост и посебни потреби, ставајќи ги нивните права, достоинство и благосостојба во центарот на јавното дејствување, стои во известувањето.
Македонија
Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија
Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац. Притворот им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. односно поради опасност од бегство, за да не се влијае врз сведоците, за да не се повтори кривичното дело и поради можно нарушување на јавниот ред и мир, соопштија од тој суд.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно вечерва објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за издавање потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, со тоа што во текот на јануари набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогат преку границата до магацинот на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја земал за понатамошна продажба.
Оваа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција – претходната најголема заплена беше 1.960 килограми.
Македонија
Забрана за сообраќај поради снег на камиони од утрово на патот Маврово – Дебар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Како што информираат АМСМ и ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег со променлив интензитет утрово има во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот превој Буково врнежите се од дожд и снег.
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила поради врнежи од снег од 5.45 часот е воведена на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.

