Економија
АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 231,3 милион евра, раст на консолидираниот извоз од 12 отсто и инвестиции од 16,5 милиони евра во периодот јануари – септември 2024
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2024 година продажбите достигнуваат 9.997.468.062 денари, што е за 9 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 14.236.125.924 денари, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %. Компанијата, преку своите застапувања на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествува во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедува значителна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Кипар, кои се зголемени 36-пати; потоа во Грузија, каде што се зголемени 2,5-пати, во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Литванија, каде што продажбите се удвоени. Потоа следуваат оние во Украина (раст од 80 %), Чиле (раст од 78 %), Јордан (раст од 27 %), во Ерменија (раст од 19 %), Албанија (раст од 18 %), САД (раст од 16 %), во Хрватска (раст од 14 %), Босна и Херцеговина (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 10 %), во Словенија (раст од 9 %) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 27 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри Фармација, Козметика и Билкарство, додека, пак, кај Хемија има намалување во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 15 %, хемија пад од 3 %, козметика раст од 7 %, а билкарство раст од 11 %.
Инвестиции
Во 2024 година, во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, АЛКАЛОИД АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории. Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него АЛКАЛОИД вложи вкупно 19,4 милиони евра.
Во првото полугодие од годинава се реализираше стратешка инвестиција и во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова производствена линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони евра. Новата производствена опрема за производство на влажни марамчиња е со капацитет од 120 парчиња/минута и е дополнета со целосно автоматизирани линии за пакување. На овој начин се овозможи удвојување на капацитетите за производство на влажни марамчиња и се прошири палетата на производи кои може да се произведуваат и да се пакуваат.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2024 година изнесуваат 1.017.349 илјади денари.
Вложувања
Во 2024 година АЛКАЛОИД АД Скопје регистрираше ново друштво во Хрватска, со назив АЛКАЛОИД ФАРМА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДОО Загреб. Имајќи предвид дека 68 % од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Во таа насока, новоотворениот правен субјект е осми по ред кој е основан во рамките на земјите членки на Европската Унија.
Компанијата регистрираше и ново капитално поврзано друштво во Казахстан, со назив АЛКАЛОИД КАЗАХСТАН ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија. Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува над 2 милијарди евра. Казахстан е пазар со 19,6 милиони жители и е економија со најдобри перформанси во Централна Азија. Портфолиото на АЛКАЛОИД во Казахстан за почеток ќе опфаќа антибиотици и додатоци во исхраната наменети за бремени жени. Во иднина компанијата планира проширување на асортиманот, како и присуство и во други земји од тој регион на интерес. Подружницата во Казахстан, лоцирана во градот Алмати, е 26-то по ред капитално поврзано друштво на АЛКАЛОИД.
АЛКАЛОИД АД Скопје како интернационална генеричка фармацевтска компанија тежнее да биде присутен во сите сегменти на овој бизнис и да им понуди на здравствените системи и на пациентите достапност до што поголемо портфолио и типови на лекови по прифатлива цена. Покрај вообичаените генерички лекови, АЛКАЛОИД АД Скопје има стратешка цел да настапи на пазарот и со биослични лекови. За навреме да настапи во овој растечки бизнис-сегмент во фармацевтската индустрија, АЛКАЛОИД АД, преку докапитализација на своето новоформирано друштво АЛКАЛОИД ФАРМА ИНТЕРНАЦИОНАЛ од Хрватска, вложи во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio преку купување малцински удел. Преку ова вложување во Јужна Кореја, во противвредност од 1 милион американски долари, АЛКАЛОИД АД, покрај сопственичкиот удел во компанијата, ќе добие и право на првенство при лиценцирање на производите за регионите во кои има свои операции. Земајќи го предвид потенцијалот на пазарот, како и искуството на тимот кој ја предводи компанијата Rophibio, АЛКАЛОИД АД донесе одлука за инвестиција во оваа истражувачко-развојна компанија, која во моментов е во напредна фаза на развој на биослични лекови.
Иновации
АЛКАЛОИД изминативе години започна процес на редизајнирање на постојните генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти. Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на АЛКАЛОИД, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Лекови од прв избор во третманот на рефлуксниот езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата АЛКАЛОИД разви течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.
За пероралниот раствор Омепразол АЛКАЛОИД го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар, како и за пазарите во Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, во Португалија, Унгарија, Романија, во Словенија, Хрватска, Бугарија и на Косово. Во тек се регистрациските постапки за другите земји во Европа и за пазарите во Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и за негово последователно лансирање.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.295.936.326 денари, бележи зголемување од околу 9 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.435.396.154 денари и е, исто така, зголемена за 10 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.339.118.233 денари и бележи раст од 5 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.381.386.743 денари е зголемена за 7 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари – септември 2024 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 222 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2024 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 40.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.023 вработени, од кои 2.298 се во земјава, а 725 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2024 година се движеше од 18.151,00 до 22.700,00 денари или просечно 20.751,37 денари за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на раст на глобалните и на регионалните берзи. На 30.9.2024 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.766 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 31,9 милијарди денари.
На 1 април 2024 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2023 година во износ од 772.931 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2024 година започна исплатата на дивидендата во износ од 540 денари бруто, односно 486 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2023 година е поголема за 10,2 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2022 година.
Бизнис-план за 2024 година
Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2023 година.
Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2024 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали.
Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градење таленти. Во согласност со досегашните резултати, при непроменети услови на пазарите во кои функционира АЛКАЛОИД, менаџментот на компанијата проценува надминување на планираните консолидирани продажби за 2024 година и за првпат реализирање износ од над 18,5 милијарди денари.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

