Македонија
Спасовски до Мицковски: Безбедноста на граѓаните е загрозена, ќе побарате ли оставка од Тошковски?

Откако ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски дојдоа на власт, сериозно е нарушена безбедносна состојба во земјата. Само во октомври, за неполн месец, имаше 5 инциденти со пукање, а над 25 вооружени инциденти кои се случија во изминатите 4 месеци, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на седницата на пратенички прашања.
– Пред три дена имаше пукање од автоматско оружје во Чаир, пред една недела, исто така имаше пукање на Скопската обиколница, потоа пред две недели, имаше пукање во Чаир, каде што директно беше и помилуваниот наркобос, Барон, кој беше вмешан во тој инцидент. Сето ова е во октомври. Исто така, на почеток на октомври се пукаше во Чаир каде беше повредено 19 годишно момче, а се пукаше и во Арачиново, Батинци, Сингелиќ, на пластичарската улица, имаше пукање и во Тетово, се случи и убиство кај Мавровка, рече Спасовски.
Тој јавно го праша Мицковски, дали по сите овие вооружени инциденти, ќе побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дали ќе поднесе оставка или пак Мицковски ќе поднесе предлог за разрешување на министерот.
– Мицковски како претседател на владата излезе со став дека се подготвува сериозно нарушување на безбедносната состојба во земјата, некаде на есен, од страна на одредени групации и поединци за кој до сега не добивме никаква конкретна информација. Доколку тоа е во истрага нема да се соопшти, но доволно е да се соопшти дека е отворена постапка против тие, затоа што не треба да чекаме да ни се случи дестабилизација на безбедносната состојба, па дури тогаш да реагираме, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Центар и Карпош

Без струја денеска ќе останат делови од Центар и Карпош, извести Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје.
Поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 26.08.2025 година (вторник), без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците на бул. Партизански Одреди бр. 15, односно стамбените објекти околу објектот – Луна Бизнис Центар. (Општина Центар )
· од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул. Козле крак -22. (Општина Карпош)
Македонија
Патот Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за сообраќај

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини поради летните одмори е зголемен меѓутоа на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. В сабота ќе дува умерен до засилен југозападен, а в недела ветерот ќе го смени правецот во северен.