Скопје
Општина Чаир ги заменува старите службени возила со електрични
Советот на општина Чаир, на предлог на градоначалникот Изет Меџити, донесе одлука за замена на целокупниот возен парк на општината со нови еколошки возила на електричен погон.
На оваа одлука ѝ претходеше анализа која покажа дека замената на постојните службени возила на општината со нови ќе има реални продобивки за општината и жителите на Чаир. Имено, новите електрични возила ќе бидат корисни за животната средина, бидејќи не ја загадуваат околината, а истовремено се и поекономични, со што се овоможува заштеда на средства од општинскиот буџет, кои ќе бидат пренаменети за реализација на други приоритетни проекти.„Со оваа одлука сакаме да дадеме пример за тоа како може да се делува во насока на долгорочно унапредување на животната средина, а особено на квалитетот на воздухот што сите ние го дишеме. Свесен сум дека со само една активност невозможно е да се постигнат посакуваните резултати, но и малите чекори водат кон решението“, изјави градоначалникот на Чаир Изет Меџити, најавувајќи дека набрзо општината ќе го постави и првиот полнач за автомобили на електричен погон, кој покрај новите општински автомобили, ќе можат да го користат и граѓаните кои ќе одлучат да набават вакви возила. За да се омасови оваа иницијатива и да се подобрат состојбите преку елиминирање на еден од главните причинители на загадувањето на воздухот – сообраќајот, Меџити најави покренување на иницијатива до Градот Скопје и во ЗЕЛС за проширување на оваа активност, особено во делот на инсталирање на полначи за електрични автомобили на јавен простор, со што ќе бидат исполнети предусловите за нивно користење. „Постапката на продажба на постојните службени возила на општина Чаир е во тек, а јавната набавка за пет нови електрични возила ќе биде објавена по 15-ти јануари, односно откако законски ќе стапи на сила новиот општински буџет“, објасни претседаталот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеш. Оваа активност е дел од долгорочната платформа „Нека биде чисто. Заедно за Чаир“, која започна оваа година, а во чии рамки се реализираат голем број активности за унапредување на животната средина на територија на општина Чаир, како што се акции за чистење на јавните површини, садење дрва и проширување на зелените површини, хортикултурно уредување и друго. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.

