Свет
Трамп: Ако победам, ќе им дадам важни позиции на Маск и Кенеди Помладиот

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека доколку победи на изборите, на важни позиции ќе ги именува милијардерот Илон Маск и адвокатот и поранешен независен претседателски кандидат Роберт Кенеди Јуниор.
Трамп, кој го соопшти ова во интервју со новинарот Такер Карлсон, не прецизира какви позиции ќе имаат Маск и Кенеди Јуниор, објави Ен-би-си њуз“.
Маск отворено го поддржа Трамп, а Кенеди Јуниор се откажа од претседателската кандидатура и го поддржа поранешниот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Како расипана плоча“: министерката за одбрана на Литванија за разговорот на Трамп со Путин

Литванската министерка за одбрана Довиле Шакалиене го коментира телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин велејќи дека изјавите што следувале по разговорот личат на расипана плоча.
Шакалиене за литванската јавна телевизија ЛРТ изјави дека исходот од овие преговори изгледа како веќе видено сценарио, без вистински промени во руската агресија против Украина.
„Сè изгледа како повторување стари шеми. Слична ситуација се случила и претходно. Разговорите секогаш се опишуваат со исклучително позитивен тон, што буди надеж за брзи промени, но искуството нè учи дека овие промени никогаш не се случуваат“, рече Шакалиене.
Министерката потсети дека Трамп претходно бил разочаран, па дури и лут поради однесувањето на Русија, но дека сега, по уште еден разговор со Путин, повторно зборува за позитивни исходи.
„Сега имаме нова рунда разговори, кои повторно се покажуваат како многу позитивни. Не верувам дека исходот ќе биде поинаков, со оглед на тоа што Путин сè уште ја продолжува својата агресија против Украина“, рече Шакалиене.
Според неа, ваквиот развој на настаните му одговара на рускиот претседател.
„Кога зборуваме за тековниот процес, јасно е дека е во интерес на Путин да одложува, да создава привид на преговори, да ги лаже сојузниците и да купува време. Но, искрено, не верувам дека денес многу сојузници, дури и веруваат дека е можно да се договори нешто со Путин“, заклучи литванската министерка.
Свет
ЕУ воведе нов пакет-санкции против Русија, главна цел руската флота во сенка

Европската Унија усвои нов пакет-санкции против Русија поради војната во Украина, насочени кон руската флота во сенка, хибридните закани и кон кршењето на човековите права, потврди високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.
Калас во објава на платформата „Икс“ напиша:
„ЕУ го одобри својот 17-ти пакет-санкции против Русија, кој вклучува речиси 200 брода од флотата во сенка. Новите мерки се однесуваат и на хибридни закани и на кршење на човековите права. Новите санкции се во подготовка. Колку подолго Русија води војна, толку посилен ќе биде нашиот одговор“, напиша таа.
Што вклучува 17-тиот пакет-санкции?
- Цел на 200 брода од таканаречената флота во сенка, која се користи за заобиколување на меѓународните ограничувања за извоз на руска нафта;
- Санкции поврзани со хибридни закани, вклучувајќи сајбер-напади, дезинформации и напади на критична инфраструктура во земјите на ЕУ;
- Мерки против поединци и субјекти поврзани со кршење на човековите права во окупираните територии на Украина и во самата Русија.
И Велика Британија претходно денес воведе 100 нови санкции кон Русија, насочени кон воениот сектор, енергетиката и финансиските институции.
Свет
Речиси половина од младите во Велика Британија сакаат свет без интернет

Најновото британско истражување покажа дека речиси половина од младите луѓе на возраст меѓу 16 и 21 година би претпочитале да живеат во свет каде што нема интернет, објавија денес британските медиуми.
Во исто време, 50 проценти од анкетираните го поддржале ограничувањето на користењето интернет по 22 часот, а речиси 70 проценти рекле дека се чувствувале полошо по посетата на социјалните мрежи, објави „Гардијан“.
Истражувањето покажа дека една четвртина од анкетираните поминуваат четири или повеќе часа на ден на социјалните мрежи, а 42 процента рекле дека се согласуваат со своите родители за она што го прават онлајн.
Анкетата, во која учествувале 1.293 млади луѓе, исто така открила дека 42 процента од нив лажат за својата возраст додека се онлајн, како и дека 40 проценти имаат лажен профил, а 27 испитаници признале дека се преправаат оти се сосема друга личност додека се на социјалните мрежи.
Како што е наведено, 27 проценти од испитаниците рекле дека ја споделиле својата локација преку интернет со непознати луѓе, а 68 проценти процениле дека времето што го поминуваат преку интернет има негативен ефект врз нивното ментално здравје.
Истражувањето е спроведено откога британскиот министер за технологија, Питер Кајл, навести дека владата размислува за ограничување на времето поминато на некои апликации, како што се „Тик-ток“ и „Инстаграм“.
Одговорната за безбедноста на децата на интернет, Рани Говендер, вели дека оваа мерка може да помогне, но дека не може да ги заштити децата од штетна содржина, освен ако не се применат други мерки.
Таа додаде дека примарниот фокус на компаниите и владите треба да биде да се осигурат дека децата и младите користат многу побезбедни веб-страници, што создаваат помалку зависност.