Регион
Прогласена тридневна жалост во Нови Сад по уривањето на покривот на железничката станица
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ денеска прогласи Ден на жалост на територијата на тој град, по повод тешката несреќа предизвикана од уривањето на покривот на Железничката станица во Нови Сад.
Деновите на жалост ќе започнат на 2 ноември, соопшти градската управа.
Претходно, како што пренесоа медиумите во соседството, Владата на Србија го прогласи 2 ноември за Ден на жалост во Србија, по повод смртта и страдањето на граѓаните поради уривањето на железничката станица во Нови Сад.
Осум лица загинаа денеска во несреќа предизвикана од уривање на настрешницата на старата зграда на железничката станица во Нови Сад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
17-годишен тинејџер почина по тепачка во Лесковац: лекарите еден час се обидувале да го ожевеат
17-годишнoто младo момче кое околу 14 часот беше брутално претепано пред средното хемиско училиште во Лесковац, им подлегнало на повредите во болница, потврдиле од здравствената установа, пренесуваат тамошните медиуми.
Лекарите од итната служба се обидувале да го оживеат речиси цел час, но, според написите, момчето веќе бил донесено со возило на брза помош без знаци на живот.
„Донесен е во бесознание, со широки зеници, бледа кожа и мукозни мембрани, без пулс и немерлив притисок. Лекарите во Итната медицинска помош веднаш започнале со интензивна реанимација. За жал, смртта настапила во 15 часот и 45 минути. Причината за смртта ќе биде утврдена со обдукција“, изјавил директорот на Општата болница Лесковац.
Според неофицијални информации, како што пишуваат српските медиуми, младиот човек бил нападнат пред училиштето од двајца момци на жолт скутер кои побегнале од местото.
„Пулсот на момчето уште додека лежеше на асфалтот се губеше“, според лекарите од итната помош.
Според очевидци, пријателот на момчето бил приведен во полициска станица за да даде исказ како сведок.
Порталите во соседството пренесуваат дека момчето било ученик на Текстилното училиште и дека живеело во згрижувачко семејство. Полицијата и инспекторите се излезени на местото на настанот а по напаѓачите интензивно се трага.
Регион
Укинат притворот на поранешниот министер за градежништво на Србија, Горан Весиќ
Укинат е притворот на поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, кој беше уапсен поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 15 лица, соопшти Вишиот суд во Нови Сад, пренесуваат тамошните медиуми.
„Вонистражниот совет на Вишиот суд во Нови Сад, одлучувајќи по жалбите на Вишото јавно обвинителство и бранителот на осомничениот, му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ, утврдувајќи дека и од наредбата за истрагата, како од доказите доставени од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад во списите на предметот, засега не постои основано сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност“, се вели во соопштението на Вишиот суд, стои во написите на медиумите.
Тој суд навел дека јавниот обвинител „досега не доставил докази кои укажуваат на постоење на основано сомнение за причинско-последична врска помеѓу дејствијата опишани од обвинителот и пропуштањето на осомничениот Горан Весиќ со последиците што произлегуваат од тоа“.
„Советот оцени дека жалбените наводи на В.Ј.Т за постоење на влијание врз сведоци и други стравови се бесмислени, па му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ и нареди веднаш да биде пуштен на слобода“, соопшти Вишиот суд во Нови Сад.
Весиќ, кој поднесе оставка по падот на настрешницата на Железничката станица, беше уапсен на 21 ноември.
Под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 15 лица, уапсени се уште 12 лица.
Горан Весиќ и Небојша Шурлан поради здравствени проблеми се пренесени од притвор во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица, пишуваат српските медиуми.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.