Македонија
Почна доделувањето ваучери за инвертер клима-уреди

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е почнато доделувањето ваучери за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди, наменети за домаќинствата кои ги исполнуваат критериумите на јавниот повик, објавен на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024. Согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2024 година, се доделуваат над 6000 ваучери за инвертер клима-уреди.
-Списоците на избрани корисници, како и списоците на правни субјекти со кои Министерството има склучено договор за реализација на ваучерите, се објавени на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини https://www.ea.gov.mk/. Овие информации се јавни и достапни за сите заинтересирани. Со цел појаснување на процесот, важно е да се напомене дека конкурсот и изборот на корисниците беа управувани од Министерството за економија, кое беше надлежно и за евалуација и за конечниот избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и избор на правните субјекти каде граѓаните ќе можат да ги искористат овие ваучери. По направениот избор, Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање и спроведување на доделувањето на ваучерите. Овој обемен процес е успешно координиран од тимот на Министерството, обезбедувајќи навремено доделување на ваучерите пред почетокот на зимската сезона, информира Министерството за енергетика.
По објавата на списоците, како што посочува, почнале со дистрибуција на ваучерите до општините. Тие ќе може да се подигнат во специјални регионални канцеларии кои се отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе биде дополнително објавено на веб-страницата на Министерството.
-Граѓаните можат да ги искористат ваучерите за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември 2024. По овој датум, неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки. Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари, наведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вкупно девет пожари на отворен простор, активен еден, а два се под контрола

На територијата на државата денеска до 18:00 часот имало вкупно девет пожари на отворен простор, од кои еден е активен, два се под контрола и изгаснати се шест пожари, информира Центарот за управување со кризи.
Активен е пожарот во село Долгаец, во Општина Долнени каде гори мешана шума.
Под контрола се пожарот во резерватот Јасен, во Општина Македонски Брод и пожарот во село Опае, во Општина Липково, каде гореше сува трева и стрниште.
Изгаснат е пожарор на улица 60, до железничка станица, во Општина Куманово, каде гореше сува трева, како и пожарот на ѓубриште кај пругата во Тетово, во Општина Тетово.
Во Општина Желино изгаснат е пожарот кај село Палатица, каде гореше сува трева, потоа пожарто во Радовиш, каде исто така гореше сува трева, како и пожарите во Општина Василево, кај село Пиперово каде гореше сува трева, трска и депонија и во Општина Босилово, кај село Моноспитово, каде гореше сува трева.
Македонија
Ѓорѓиевски вети дека ќе ги среди проблемите со ЈСП, ако стане градоначалник на Скопје

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска на панел-дискусијата „Локалната и централната власт работат за тебе“ која се одржа во рамки на Саем-Отчет, истакна дека на претстојните локални избори на граѓаните ќе им понуди безбеден и инклузивен град во кој граѓанинот ќе биде во централниот фокус, но пред сè, рече, ќе се посвети на решавање на двата најгорливи проблеми во градот – комуналната хигиена и јавниот превоз.
– На Скопје му требаат брзи и ефикасни решенија, она што јас ќе го понудам на нашите сограѓани за наредните четири години ќе биде отворен, транспарентен град, безбеден град и инклузивен град каде што граѓанинот како никогаш досега ќе биде во централниот фокус и ќе го има приматот, сите наши креации во наредните четири години ќе потекнува изворно од граѓанинот и ќе биде за подобрување на неговите услови за живот. Комунална хигиена и ЈСП се двата најгорливи проблеми, рече Ѓорѓиевски.
Нагласи дека уште од самиот почеток ќе се фокусира на двата столба, односно реорганизација на комуналната хигиена и средување на како што рече катастрофалната состојба со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).
– Главен и сериозен фокус ќе биде освен заштитата на животната средина, третирањето на комуналната хигиена, нејзина реорганизација од аспект на механизација и кадров потенцијал, вториот момент кој ќе биде наш фокус е средување на состојбите со ЈСП, еден од главните проблеми на нашите сограѓани е токму транспортот. Тоа се првите два сериозни столба на кои ќе се насочиме од самиот почеток, рече Ѓорѓиевски.
Програмата за претстојните локални избори ќе биде креирана заедно со граѓаните, истакна Ѓорѓиевски, а во неа, како што рече, ќе се содржат решенија за сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
– Ние сме на изработка на програмата, како никогаш досега ја креираме задно со граѓаните, домашни и меѓународни експерти, ќе понудиме еден добар концепт за граѓаните, еден модел во којшто сите овие горливи проблеми со кои живеат за жал нашите сограѓани, за многу скоро време ќе станат минато. Заедно со Владата очекува силна поддршка во наредните 4 години, не се сомневам дека ќе бидат евидентни резултатите. Ќе понудиме концепт кој ќе содржи за решенија за сите проблеми на граѓаните, брзи и ефикасни,преточени во една долгорочна стратегија на градот Скопје, истакна Ѓорѓиевски.
Македонија
Мицкоски очекува историска победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, приоритет ќе биде хигиената во Скопје

Она што го направи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата овие два дена, претставува, навистина, новитет на политичката сцена во Македонија. Добро е што секоја година се обидуваме да иновираме, добро е што другите политички партии од опозицијата можат да следат и да научат нешто ново, коешто, можеби во иднина ќе им биде корисно кога ќе презентираат дел од своите опозициски идеи, коишто, ние како Влада ќе можеме да ги анализираме, дел од нив и да ги искористиме, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на завршната панел-дискусија на тема „Локалната и централната власт работат за тебе” во рамките на настанот Саем-Отчет.
Мицкоски истакна дека очекувањата се голема историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и дека за тоа нема никаква дилема, затоа што дека така ќе биде велат јавните мерења, анкетите и од чувствата од директните средби со граѓаните, но додаде дека е многу важно, таа победа потоа да има резултати.
Во своето обраќање Мицкоски се осврна на тоа, што според негово мислење, треба да се направи за Градот Скопје, додавајќи дека три работи се акутно неопходни и тоа, прва работа е хигиената, при што обраќајќи му се на кандидатот за градоначалник на градот, Орце Ѓорѓиевски рече дека конечно треба да се зафати со тој проблем и да го исчистиме Скопје од ѓубре.
-Паралелно со тој процес, следи процес на разеленување на Скопје и оплеменување со хортикултура. Нормално, во првата година од мандатот, ценам дека главното, централно скопско јадро треба да биде дел од неговиот фокус. Кога зборувам за главното централно скопско јадро, мислам пред сè на Градскиот парк, Скопје и најмладите конечно да добие луна парк каков што заслужуваат, истакна Мицкоски.
Потоа, рече Мицкоски, би поминал преку скопското Кале, коешто очекувам наскоро да почне и да функционира и да нуди содржини за туристите, а од таму би се спуштил по Старата скопска чаршија, каде што треба да има ред и да се помогне на тие луѓе таму кои одржуваат сè уште занаети кои, за жал, се во изумирање, а како градоначалник Орце тоа може да го стори. По Чаршија, Мицкоски рече дека би се спуштил надолу и би одел на плоштадот пред Министерството за транспорт, за и таму да се средат сите урбани работи, па преку Камениот мост до главниот плоштад и се ова да биде збогатено со хортикултурна содржина и разеленување.
Мицкоски истакна дека Жена парк и улица Македонија кои за сите скопјани будат многу спомени, сега се во состојба во којашто не треба да бидат, а и фасадите по Рекорд оставени од едно друго време, треба да се завршат. -Потоа, преку улица Македонија би завршил кај црквата Св. Константин и Елена, којашто според планот, очекувам да биде завршена и пуштена во функција, некаде крајот од септември, заедно со куќата на Мајка Тереза и Домот на АРМ коешто треба министерството за одбрана да го реновира. Така со тој сквер, Орце ќе мора да се позанимава како иден градоначалник и да го оплемени со урбана опрема, кој ќе го користат скопјани и се побројните туристи, посочи Мицкоски.
Други две туристички атракции, за кои, според Мицкоски, не треба многу за да се направат, е да се отпочне со проектирање на втората фаза, од жичарата кон врвот на Водно и Матка.
-Ценам дека сето тоа може со сопствени сили, без премногу пари да се потрошат, средства и ресурси, да биде завршено. И тоа е првата работа што сметам дека треба да биде завршена заедно со средување на кејот на реката Вардар, почнувајќи од мостот Обединети Нации, Влае па се до мостот Близнак во Аеродром и тоа може да се направи со сопствени ресурси од јавните претпријатија, рече тој.
Мицкоски понатаму додаде дека вториот столб би биле завршување на сите оние капитални проекти кои се почнати, како клучката кај Момин поток, мостот кој ги поврзува Аеродром и Гази Баба кај Керамидница да биде конечно пуштен во функција, како и мостот кај Сити мол и конечно да се заврши булеварот кон Драчево.
-Да се забрзаат работите на пречистителната станица, колекторскиот систем за да ја исчистиме и реката Вардар. Така што тие капитални проекти кои се почнати да бидат завршени, дециден е Мицкоски.
Во однос на третиот столб за Скопје, Мицкоски рече дека ќе биде нај предизвикувачки, ќе биде консолидирање на јавните претпријатија, бидејќи од информациите со кои располага, таму долговите сè се поголеми, а од друга страна нема работна дисциплина соодветно на тоа што треба да биде и дека во одредена мера има превработеност.
-Посебно тука мислам во две јавни претпријатија, а тоа се Јавното претпријатие паркови и зеленило и Јавното претпријатие комунална хигиена. Цениме дека тие се пренатрупани, можеби со кадар којшто е непродуктивен, рече Мицкоски посочувајќи дека кадрите вработени во овие претпријатија доаѓаат од коалиционите партнери на сè уште актуелната градоначалничка на Скопје, кои се ДУИ и Левица, а на моменти по потреба и советниците од СДСМ.
Мицкоски истакна дека овие три приоритети треба да бидат основата во работењето на идниот градоначалник на Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски и тоа треба да се направи во првата година и може тоа да се направи, без да има потреба од дополнителни средства.
-Ние како централна власт, преку министерството за транспорт ќе продолжиме со набавката на електричните автобуси. Најголем дел од тие ќе бидат наменети за јавниот превоз во градот Скопје, дел во општините коишто имаат организиран јавен превоз, а ќе има и други проекти кои како централна Влада ќе ги поддржиме во рамките на Градот Скопје и општините, рече, меѓу другото, Мицкоски.
Викендов во Скопје со серија панел диксусии се одржа Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ.