Свет
Амбасадорот на Иран во Москва: Русија утре ќе лансира два ирански сателита во орбитата
Утре, Русија ќе лансира два ирански сателита во орбитата со помош на ракета „Сојуз“, изјави денеска иранскиот амбасадор во Москва, Казем Џалали.
Џалали на платформата „Икс“ напиша дека како дел од продолжувањето на развојот на научно-техничката соработка меѓу Иран и Русија во вторник во орбитата на Земјата, оддалечена 500 километри, ќе бидат лансирани два ирански сателита „Ковсар“ и „Ходод“.
Иранскиот приватен сектор е одговорен за развојот на сателитите „Ковсар“ и „Ходод“, што е негово прво значајно достигнување, објави минатиот месец иранската новинска агенција „Тасним“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американско разузнавање: Русија се обидува да ја поткопа довербата на гласачите во изборната правичност
Шефовите на американските разузнавачи предупредуваат дека странските противници, вклучително и Русија, спроведуваат операции за, како што велат, „поткопување на довербата на јавноста во интегритетот на американските избори и сеење поделеност меѓу Американците“.
Во заедничката изјава, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ), ФБИ и Агенцијата за кибер-безбедност и инфраструктурна безбедност соопштија дека групите поврзани со Русија поттикнуваат насилство врз изборните службеници и повторуваат лажни тврдења за измама на гласачите.
Агенциите тврдат дека „руските влијателни лица“ неодамна објавиле напис во кој лажно тврделе дека функционерите во клучните држави планираат да ги наместат претседателските избори со манипулација на гласачките кутии. Од ОДНИ понатаму велат дека очекуваат овие напори да се интензивираат во наредните денови. Исто така, го обвинува Иран дека е „значајна закана на странско влијание“ за САД.
Техеран и Москва негираа обиди за попречување на изборите.
Свет
Во Германија уапсени осум десничари осомничени дека планирале бунт против државата
Германската полиција уапси осум членови на десничарска милитантна група осомничени дека планирале бунт против германската држава, соопштија денеска државните обвинители.
Во соопштението се наведува дека осомничените се дел од организацијата наречена „Саксонски сепаратисти“ која е формирана најдоцна до ноември 2020 година и дека четворицата уапсени се основачи на таа група.
Се додава дека станува збор за милитантна група од 15 до 20 членови со, како што се наведува, расистичка и антисемитска идеологија, пренесе Ројтерс.
Регион
Премиерот на Србија: Очекувам дека оставката на Весиќ нема да биде единствена
Премиерот на Србија Милош Вучевиќ изјави дека ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ.
„Мислам дека одлуката на Горан Весиќ е чин на сериозен човек кој е свесен дека кога ги извршуваш најважните државни функции го имаш и товарот на одговорност. Не се сомневам дека тој субјективно не е виновен за ништо што се случи на 1 ноември во Нови Сад“, рече Вучевиќ.
„Ќе ја прифатам неговата оставка со благодарност за се што направи за време на мандатот на оваа и на претходната влада, не можам да кажам дека лошо си ја заврши работата, но во политиката има одговорност за работи за кои вие лично не сте виновни. “, рече Вучевиќ.
Тој рече и дека не ги разбира протестите што се одржуваат, наведувајќи дека се „морално одвратни“.
„Секој има право да организира протести, но тоа што некој ќе скрши, кине, нападне нема никаква врска со емпатија и болка за жртвите“, додаде тој.
Тој кажа и дека опозицијата сака политички да профитира од трагедијата.
„Ќе има и политичка одговорност и очекувам дека оставката на Весиќ нема да биде единствена“, рече тој.