Македонија
Мицкоски: Очекувам до Нова година да биде потпишан договорот за гасниот интерконектор со Грција
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, денеска ја посети Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ. После настанот одговарајќи на новинарско прашање што планира Владата во сегментот инвестиции во патиштата коишто се добредојдени за економијата, а посочува бизнис секторот како едно од големите ветувања во патната инфраструктура информираше дека се работи секојдневно на реализацијата на капитални инвестиции од овој тип.
„Да, затекнавме една летаргична, целосна недисциплина целосна во делот на реализација на овој тип на капитални инвестиции и можете да забележите дека се работи секојдневно се работи и во доцните ноќни часови буквално имаме една прилично амбициозна агенда. Со задоволство можам да кажам дека до крајот на годината патниот правец којшто е дел од Коридорот 8, експресниот пат којшто ги поврзува местата Чатал-Длабочица и Крива Паланка т.е. Страцин-Крива Паланка за оние коишто кој што почесто патуваат кон тој дел на државата ќе биде готов и веднаш почнуваме проектирање за делницата Куманово-Чатал односно Куманово-Страцин и со тоа ќе го затвориме тој потег на експресен пат. Потоа, можам исто така со задоволство да кажам дека делот од Коридорот 8 којшто ги поврзува Кичево со Охрид после седумгодишна летаргија и стагнирање не само што е откочен, туку веќе и некои дванаесетина километри во потегот на местото Песочен се асфалтирани од едната страна на коловозот и очекувам да почетокот на новата туристичка сезона од Арбиново практично до Охрид тој дел да биде пуштен. Со исклучок на неколку километри во делот на село Ботун, бидејќи имаме таму свлечиште коешто треба а биде санирано. Во суштина на 16 свлечишта но, ова некако е најголемо, а очекувам до крајот на 26-та година тоа што го ветивме од Кичево да се поврземе до Охрид комплетно“, изјави премиерот.
Премиерот подвлече дека Владата веќе има отпочнато со теренските активности, нагласувајќи дека избрале да работат, а не да водат политика во делот на реализацијата на Коридорот 8.
„Видовте дека отпочнавме со теренските активности и избравме да работиме, а не да водиме политика во делот на реализација на Коридорот 8. Патно поврзување помеѓу Гостивар и Буокојчани. Отворен е фронтот некои 12 до 16 километри. Решени имотно-правни односи, со расчистена траса. Се работи на терен. Пред недела две, имавте можности вие односно пред една недела тоа имаа можност медиумите тоа да го видат. Исто така и на патниот правец којшто е дел од Коридорот 10, долж којшто ги поврзува Прилеп и Битола и тука веќе имаме отворен фронт од осум километри, благодарение на Армијата. Деминиран комплетно решени имотно правни односи и веќе се работи ова теренски. Потегот Градско, Градско-Фариш, до Нова година ќе биде пуштен, а потегот Дреново-Фариш има една карпа којашто треба да се отстрани и малце ќе има тука задоцнување. До крај март, април но, очекувам и тој потег да биде да биде завршен. Така што имаме задвижување и реализација на капитални проекти коишто не биле до сега реализирани очекувам првата секција од пругата што е дел од Коридорот 8, Куманово на Куманово- Бељаковце да биде завршена до Нова година. Бељаковце Крива Паланка за жал има доцнење и не знам тука треба малку да видиме што ќе правиме со изведувачите, затоа што тој втор дел ни е битен за да влеземе во третиот дел. Во третиот дел добро е што конечно од страна на нашиот источен сосед имаме желба да се заврши тој потег, тунелот заеднички поврзување со националниот со националната пруга на Бугарија и на тој начин вистински да станеме и патен, односно транспортен и железнички Коридор и или хаб или раскрсница како сакате“, објасни тој.
Овој месец завршува и тендерирањето за гасниот интерконектор со Грција. До Нова година како што рече премиерот очекува да се потпише договорот.
„Од друга страна до 20 ноември завршува тендерирањето за интерконекторот гасниот интерконектор со Грција. Очекувам до Нова година да се потпише договор и тој интерконектот да се заврши веќе да работиме на северниот интерконектот со Србија. Така што буквално на сите страни се работи“, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски меѓу другото нагласи и дека е започната реализацијата на проектите преку општините, очекува до 15 ноември да се потпишат уште договори за проекти.
„Започна оваа реализација на проектите преку општините преку општините таму имаме повеќе од 2,1- 2,2 милијарди денари за патна инфраструктура за општините. Булевари, улици итн. итн. потпишани со општините до овој момент. Очекувам до 15-ти тие што требаше да додадат, да додадат и уште плус, да се потпишат договори. И очекувам новиот тендер на новиот јавен повик февруари-март да биде објавен, да имаме уште неколку милијарди инвестиции за патната инфраструктура во општините. Така што тоа ни е приоритет и тоа ни е начин како можеме да си ја развиваме државата, нема друг значи тоа е единствениот начин како ќе ја развиваме“, рече премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

