Македонија
Од сабота скопската зоолошка повторно ги отвора вратите за посетителите
Зоолошката градина во Скопје повторно ќе биде отворена за посетители од сабота откако во октомври беше потврден случај на птичји грип.
– Ве известуваме дека од оваа сабота (09.11.2024) Зоолошка градина на град Скопје повторно ќе биде отворена за посетители со редовно работно време од 09:00-16:00 секој ден. Да уживаме заедно во убавите есенски и сончеви денови, ве очекуваме, стои во објавата на Фејсбук.
ЗОО Скопје беше затворена за посетители откако беше потврден случај на птичји грип. Беше спроведен надзор и хумано убивање на 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка. Беа наредени мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во Зоолошката градина за присуство на вирусот, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од Зоолошката градина кај животните и кај луѓето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Во Будимпешта разговарав со Макрон за одблокирање на македонскиот пат кон ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека денеска, на маргините на политичкиот настан во Будимпешта на кој присуствува, се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На маргините на настанот на Европската политичка заедница во Будимпешта остварив продуктивна средба со Францускиот претседател Емануeл Макрон. Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме сè од себе да ги зачуваме државните и националните интереси, напиша Мицкоски.
Македонија
Доделени околу 80% од ваучерите за купување инвертер клими
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека успешно е реализиран процесот на доделување на ваучери за купување инвертер клими, со цел зголемување на енергетската ефикасност на домаќинствата низ целата држава. До 15 часот, беа доделени над 80% од предвидените 6.182 ваучери.
„Благодарение на внимателното планирање и целосната ангажираност на тимот на Министерството, процесот се одвива непречено и ефикасно, со што на граѓаните им се овозможи брзо и лесно подигнување на ваучерите. Во рамки на процесот на доделување, до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75% од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици пред СЦ Борис Трајковски. Во согласност со предвидената динамика, доделувањето успешно се спроведува и на другите 30 локации низ Македонија, каде што граѓаните можат лесно да ги подигнат своите ваучери за купување и инсталирање на инвертер клима уреди. Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90% од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите“, соопштуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Како што додаваат, во изјава за медиумите министерката за енергетика, Сања Божиновска, нагласи дека Министерството ги отвори сите предвидени локации низ Македонија, со цел да се обезбеди брза и безбедна дистрибуција на ваучерите и додаде: „Во Скопје, ваучерите се доделуваат во салата ‘Борис Трајковски’, во Битола – во спортската сала ‘Боро Чурлески’, а во останатите градови – во соработка со Агенцијата за вработување. Со оваа мерка, обезбедуваме значителна финансиска поддршка за домаќинствата, а посебно се фокусираме на ранливите категории потрошувачи.“
„Дополнителна флексибилност е овозможена за граѓаните кои нема да можат да ги подигнат своите ваучери веднаш, тоа да го направат директно во Министерството до крајот на месецот. Министерката Божиновска го истакна значењето на мерката за енергетска ефикасност, нагласувајќи дека оваа програма со вкупен износ од 155 милиони денари не само што придонесува кон подобрување на животниот стандард, туку и кон заштита на животната средина преку намалена потрошувачка на електрична енергија. Министерството останува достапно за сите дополнителни прашања, при што редовни информации за тековните активности се објавуваат на нашата веб-страница и преку отворени телефонски линии“, нагласуваат од Министерството.
Македонија
Почина петгодишно дете на Детската клиника, било хоспитализирано поради силна главоболка
Почина петгодишно дете како последица од воспаление на мозокот на Клиниката за детски болести. Девојчето од Скопје кај нив било хоспитализирано пред две недели поради силна главоболка. Најпрвин било лекувано на одделот за неврологија, но минатата недела состојба и се влошила и ја префрлиле на одделот за интензивна нега.
Била направена и интубација, но и покрај сите напори на медицинскиот кадар не успеале да го спасат детето кое развило менинго-енцефалит.
Завчера е констатирана смрт.
За еден месец ова е трет смртен случај на дете на Клиниката за детски болести. За 14 месечното девојче од Грчец се уште се води постапка за утврдување на евентуална лекарска одговорност, а за новороденчето од Струмица ДСЗИ согласно нивните надлежности не констатираше пропусти во лекувањето.