Свет
Европскиот парламент ја одложи одлуката за кандидатурата на Оливер Вархеји за еврокомесар
Пратениците на Европскиот парламент одлучија да се одложи одлуката за кандидатурата на Оливер Вархеји од Унгарија за нов комесар за здравје и благосостојба на животните, соопшти денеска вршителот на должноста портпарол на ЕП, Делфин Колард.
„Координаторите на Комитетот на ЕП за животна средина, јавно здравје и безбедност на храна и Комитетот на ЕП за земјоделство и рурален развој одлучија да го одложат состанокот за оценување на Оливер Вархеји“, изјави Колард на социјалната мрежа Х.
Колард не наведе причини за одложување на одлуката за кандидатурата на Вархеји, инаку актуелниот комесар за соседство и проширување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Русија и САД имаат многу проблеми, тешко е да се избере најголемиот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека списокот на спорни точки во односите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави е „толку огромен“ што е тешко да се избере приоритет за дискусија.
„Ова не е единственото прашање што може да и се постави на американската страна. Агендата на проблеми е толку голема што би било погрешно да се издвои едно прашање како приоритет“, рече Песков, одговарајќи на прашањето на ТАСС дали има надеж дека со доаѓањето на тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп треба да се отстранат пречките за нормално функционирање на руското претставништво во ОН.
„Рано е да се шпекулира за надежи“, додаде Песков.
Претходно, рускиот премиер Михаил Мишустин во Баку се сретна со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Тој ја изрази својата загриженост за, како што наведе, незаконските американски визни ограничувања, кои ги спречија руските претставници да учествуваат во активностите на телата на Генералното собрание на ОН.
Мишустин укажа и на потребата од мерки кои обезбедуваат почитување на меѓународните договори за статусот на седиштето на ОН.
Свет
Израелски министер: Израел е поблиску од кога било до договор за прекин на огнот со Хезболах
Израелскиот министер за енергетика Ели Коен денеска изјави дека Израел е поблиску до постигнување договор за прекин на огнот со либанскиот Хезболах отколку што беше од почетокот на војната.
Коен, член на безбедносниот кабинет на израелската влада, сепак, во изјава за Ројтерс рече дека Израел мора да ја задржи слободата на дејствување во Либан доколку се прекрши некој договор.
Клучниот камен на сопнување за Израел, како што рече министерот, е обезбедувањето слобода на дејствување доколку Хезболах се врати во пограничните области каде што може да претставува закана за израелските заедници.
„Помалку ќе простуваме од претходно за обидите да се создадат упоришта на териториите во близина на Израел“, рече Коен.
Израелските медиуми објавија дека одговорот на Либан на предлогот за прекин на огнот испратен до Бејрут од САД би можел да пристигне во следните 24 часа.
Министерот за стратешки прашања Рон Дермер оваа недела разговараше во Вашингтон со претставници на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден за последните детали од предлогот, вклучително и писмени гаранции дека Израел има слобода на дејствување против заканите на Хезболах во Либан.
Дермер се сретна и со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар неодамна изјави дека е постигнат одреден напредок во напорите да се постигне прекин на огнот во конфликтот со Хезболах.
Малку подоцна израелскиот министер за одбрана Израел Кац објави дека Израел нема да се повлече додека не се постигнат целите на војната.
Тој го повтори ова во средата и изјави дека целта е да се разоружа Хезболах, да се истурка оваа проиранска организација преку реката Литани и да им се овозможи на жителите на северен Израел безбедно да се вратат во своите домови.
Според податоците на либанските власти, од почетокот на конфликтот меѓу Израел и тешко вооружената организација, ден по почетокот на војната во Газа, на 8 октомври минатата година, загинале повеќе од 3.200 луѓе, главно цивили. Повеќето од нив починале од крајот на септември.
76 лица загинаа во Израел, од кои 31 војник, според Асошиејтед прес.
Свет
Шмигаљ: Четири милијарди евра од Европскиот фонд за поддршка на Украина
Европската комисија даде позитивна оценка за доделувањето на втората транша финансиска помош за Киев во износ од 4,1 милијарди евра од Европскиот фонд за поддршка на Украина, а одлуката мора да биде одобрена од Советот на Европската унија, објави украинскиот премиер Денис Шмигаљ.
Европската комисија утврди, според написите во светските медиуми, дека Украина ги исполнила сите девет точки од реформските обврски, што беше услов за исплата на новата транша од помошта. Се нагласува дека реформите се однесуваат на борбата против корупцијата, условите за бизнис, правилата на пазарот на труд, стандардите на пазарот на енергија и заштитата на животната средина.
Шмигаљ истакна дека по исплатата на оваа транша, Украина годинава ќе добие 16,1 милијарди евра од Европската унија, пренесува Укринформ.
Очекуваме Советот на ЕУ брзо да ја потврди денешната одлука на Европската комисија, изјави украинскиот премиер.
Европскиот фонд за поддршка на Украина е програма од 50 милијарди евра, а беше одобрена на крајот на минатата година за периодот од 2024 до 2027 година.