Свет
Јапонија, Јужна Кореја и САД почнаа голема воена вежба во Источното Кинеско Море
Јапонија, Јужна Кореја и САД денеска почнаа заедничка воена вежба во Источното Кинеско Море и неговата околина, со учество на американски носачи на авиони и јужнокорејски и јапонски борбени авиони и бродови, соопшти јапонската војска.
Вежбата Freedom Edge се одржува втор пат откако во јуни беа одржани големи воени маневри под ова име и има цел да ја демонстрира силната волја на трите земји во одбраната на регионот истовремено промовирајќи ја нивната интероперабилност во воздушната одбрана, поморскиот и сајбер-доменот, соопшти Генералштабот на јапонската армија, пренесува „Кјодо“.
Планирано е вежбата да трае три или четири дена, изјави јапонски воен претставник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж се разнел пред зградата на Врховниот суд во Бразил: „Сакаше да ја разнесе зградата“
Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александре де Мораеш, денеска изјави дека бомбашот самоубиец кој вчера се обиде да влезе во Врховниот суд имал намера да ја разнесе зградата, опишувајќи ја како дел од растечкиот бран напади врз демократијата.
Експлозиите пред Врховниот суд и на блискиот паркинг, кои федералната полиција ги третира како напади, ги зголемија безбедносните стравувања неколку дена пред самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро и посетата на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на бразилската престолнина.
Полицијата го идентификуваше човекот кој се самоуби во експлозијата пред Врховниот суд како поранешен кандидат за градскиот совет од партијата на поранешниот претседател Жаир Болсонаро. На интернет ширеше жестока политичка реторика, пренесуваат медиумите во светот.
Франциско Вандерли Луиз ја загуби трката за градскиот совет во 2020 година во Рио до Сул, во јужната држава Санта Катарина, како член на десничарската Либерална партија на Болсонаро.
Мораеш рече дека е можно Луиз да дејствувал сам, но дека нападот бил резултат на реторика која датира од владата на Болсонаро.
Тој ги опиша експлозиите како најлошиот напад врз Врховниот суд откако приврзаниците на Болсонаро упаднаа во зградата во немири минатата година.
Болсонаро се огради од последните напади и на социјалните мрежи објави дека се работи за изолиран инцидент предизвикан од лице со психички проблеми.
Регион
Вучиќ: Го замолив Орбан да купиме дел од сопственоста во нивната нуклеарна централа
Српскиот претседател Александар Вучиќ му понуди на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Србија да учествува во изградбата на унгарската нуклеарна централа во Пакш со пет до 10 отсто сопственост и најави дека Белград ќе биде дел од единствената берза за струја со Словенија и Унгарија, пренесуваат медиумите во соседството.
Државните делегации на двете земји денеска се сретнаа во Будимпешта и потпишаа голем број билатерални договори, при што беше истакнато дека унгарско-српските односи се на „највисоко историско ниво“ и дека двете земји имаат заеднички интереси во енергетскиот сектор, инфраструктурата и транспортот.
„Побарав од Орбан да ја разгледа можноста за купување на пет или 10 отсто од сопственоста во унгарската нуклеарна централа Пакш, а нашиот удел би бил околу 150 милиони евра“, изјави Вучиќ по заедничките средби и разговори со Орбан.
Тој оцени дека енергетската диверзификација е „многу лековита“, вклучително и проекти за натамошно издавање на складишта за гас, во време кога се очекуваат големи проблеми во снабдувањето со електрична енергија низ Европа.
„И затоа сакаме да изградиме што повеќе бензински пумпи“, рече Вучиќ, потсетувајќи на неговите разговори со азербејџанскиот претседател Илхан Алиев за испорака на азербејџански гас за Србија.
Можно е и Унгарците да влезат заедно со нас за да можеме заеднички да го финансираме и да користиме струја (од гасни централи)“, рече Вучиќ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан посочи дека двете земји треба да се обидат да ги надоместат пропуштените можности во историјата, бидејќи Унгарија сака да биде богата и со нетрпение очекува да има земја со исти амбиции во соседството.
„Успешната Србија ја зајакнува Унгарија и ја зголемува нашата вредност. Во наш интерес е Србите да бидат успешни и да станат богати исто како нас. Тоа е нашиот заеднички став кон иднината“, рече Орбан.
Тој рече дека Унгарија со енергија се снабдува од Србија.
„Разговаравме за други инвестиции во снабдувањето со гас, складирање гас и снабдување со електрична енергија. Заедничката берза за електрична енергија ќе почне да работи наскоро“, рече Орбан.
Унгарија ја потврди својата посветеност и поддршка на Србија во европските интеграции.
„За нас сите проекти со вас – во енергетиката, транспортот, економијата, полициската и воената соработка и меѓусебната поддршка на политичката арена се од големо значење. Ви благодариме Викторе“, рече Вучиќ.
Свет
Бајден ќе се состане со кинескиот претседател
Американскиот претседател, Џо Бајден, и неговиот кинески колега, Шји Џјинпинг, денеска доаѓаат во Лима на самит на азиско-пацифичките земји во тензична атмосфера поради можноста од нови трговски војни во новиот претседателски мандат на Доналд Трамп.
Двајцата лидери треба да се сретнат в сабота на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), кој вклучува 21 земја и претставува 60 отсто од светскиот БДП.
Тоа ќе биде трета по ред средба на двајцата претседатели, кои ќе присуствуваат и на состанокот на Г20 во Бразил на почетокот на следната недела.
Американскиот претседател во заминување ќе се обиде да ја искористи можноста да ги истакне напорите направени за да се осигури дека конкуренцијата меѓу двете земји не оди подалеку од разумните граници, изјави висок американски функционер.
Во јануари Бајден му ја предава функцијата на републиканецот Трамп, победникот на претседателските избори на 5 ноември, кој во својот тим именува функционери со тврда линија кон Пекинг.
Неименуван американски функционер тврди дека двете суперсили, и покрај нивните длабоки разлики, постигнале напредок во областите од заемен интерес, меѓу кои и подобрената комуникација меѓу двете војски.
„Франс прес“ наведува дека мандатот на Бајден бил обележан со големи тензии со Пекинг, но дека потребниот дијалог меѓу двете страни сè уште е одржан.
За време на кампањата, Трамп вети дека ќе ја брани американската индустрија и се закани дека ќе воведе царини од 10 до 20 отсто на увозот, а царините за стоки од Кина би можеле да изнесуваат и до 60 отсто.
Пред самитот на шефови на држави во Лима в петок и в сабота ќе се одржат многубројни министерски средби, на кои ќе учествуваат американскиот државен секретар Антони Блинкен и министерката за трговија, Кетрин Таи.
В четврток, кинескиот претседател Шји Џјинпинг и перуанската претседателка Дина Буларте ќе го отворат масивното ново пристаниште Чанкај, финансирано од Кина, северно од Лима, финансирано со 3,5 милијарди долари, што ќе го илустрира растечкото влијание на Кина во Латинска Америка.