Култура
„Пред дождот“ за малку немаше да се случи, откри Манчевски во Кина, на 30-годишнината од македонскиот класик
Македонскиот светски признат филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во чест на 30-годишнината од премиерата во 1994, изминатата недела беше прикажан во Сужу, Кина. Во организација на Државниот филмски архив на Кина, режисерот Манчевски со видеообраќање го претстави „Пред дождот“ пред кинеската публика, а филмот имаше три проекции за три дена проследени со панел-дискусии со реномирани кинески филмолози.
„Како да ви го претставам ‘Пред дождот’? Тоа е филм што ‘Њујорк тајмс’ го стави на својата листа на 1.000 најдобри филмови некогаш создадени. Македонската држава го прогласи за културно наследство. Тоа беше филм што се случи многу бргу; тоа е исто така филм што речиси и немаше да се случи откога две недели по почетокот на продукцијата проектот беше речиси откажан. Снимањето на филмот беше исполнето со позитивна енергија, со инспирација, но и со борба да се одржи на вистинскиот пат, да се зачува неговата душа. Снимавме во македонските планини, кои не беа лесно достапни. Професионалци од 13 земји ги здружија силите во оваа македонско-британско-француска копродукција. Во близина, во Босна, беснееше војна“, рече Манчевски.

Тој додаде дека филмот е снимен и завршен на 35-милиметарска филмска лента, на старомоден начин. 20 години подоцна, во 2014 година кога македонската Кинотека ја презеде дигитализацијата на неговите филмови, меѓу кои и „Пред дождот“, се сочил со можност, но и со дилема – дали со дигитално коригирање на боите да се промени изгледот на филмот на значаен начин.
„Сепак, имав сериозни сомневања за оваа опција колку и да изгледаше привлечна. Причината за ова беше етичка. Чувствував дека ‘Пред дождот’ беше завршен во 1994 година. Тоа беше филмот што требаше да биде, завршено уметничко дело, што ги претставува филмаџиите во одреден момент во времето. Влегувањето во филмот повторно се чинеше малку како сквернавење. Се чинеше малку нечесно да се смени филмот години по неговото завршување. Така, решив дека најдоброто нешто за филмот и најчесното нешто во целина е да не ги сменам колор-корекциите на ‘Пред дождот’. Освен некои мали дотерувања, кои ги направија боите и светлината поспецифични и поверни на првичната идеја, новата колор-корекција најмногу ја зачува и ја изострува сликата од оригиналниот негатив. И, еве го, пред вас, драги гледачи во Кина. ‘Пред дождот’ од моето до вашите срца“, рече Манчевски.
„Пред дождот“ во Сужу беше дел од фестивалот со 8 реставрирани светски класици, меѓу кои и „Седум самураи“ на Акира Куросава, „Жртвување“ на Андреј Тарковски, „Разјарениот бик“ на Мартин Скорсезе, „Сенки на заборавените предци“ на Сергеј Параџанов, а ќе следуваат проекции и во Пекинг.

На 30-годишнината од светската премиера на Венецискиот фестивал и освојувањето на „Златниот лав“ за најдобар филм, „Пред дождот“ набргу повторно ќе се прикаже и во Бразил, каде што своевремено освои и фестивалски награди, имаше извонреден прием од публиката и критиката во кинодистрибуцијата и беше меѓу избраните за филм на годината. Исто така, „Пред дождот“ до крајот на годинава ќе игра и на државната телевизија во Словенија.
„Пред дождот“ беше прв македонски филм прикажан во Кина, наиде на голем успех и има култен статус. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Шангајскиот фестивал, Мао Лијун, вели дека филмската академија го предава „Пред дождот“ „како библија во филмската нарација во три чина“. Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот“ студентите учат за филмската структура.
Минатиот месец Државниот филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, во земјата ќе ги прикажува „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“ и краткометражните „Четврток“ и „Крајот на времето“.
Во 2017 Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20. издание на фестивалот во Шангај во 2017 имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастер-клас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовира негова книга со фотографии и есеи издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг. Во 2019 Манчевски беше и во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

