Македонија
За дозвола за оружје ќе може да се аплицира онлајн, Тошковски уверува дека никој нема да биде фаворизиран

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес ја презентираа новата дигитална услуга за поднесување онлајн-барање за издавање одобрение за набавка на оружје.
Откако соопшти дека 15 високи полициски функционери добиле решенија за отказ оти нелегално издавале дозволи, а многумина што стекнале дозволи не ги исполните условите, Тошковски рече дека дигиталната алатка е брзо решение, кое нема да биде подложно на можност за корупција.
„Оваа решение, оваа алатка, ќе овозможи системски пристап кон остварување на правата на граѓаните. Граѓаните нема да имаат потреба лично да се обраќаат до сите институции, како, на пример, судот, за да прибават дозвола за неосудуваност и ќе се намалат трошоците за самите граѓани бидејќи нема сами да ги вадат потребните документи, туку институциите ќе си ги разменуваат меѓу себе преку своите бази на податоци. Барањето почнува со предфаза, во која ќе се утврди дали лицето во согласност со законските норми исполнува услови за да се стекне со дозвола за оружје и притоа никој нема да има дискреционо право да фаворизира, туку ќе се постапува неселктивно по сите барања. Апликантот ќе биде известен на електронска пошта дали е подобен да добие дозвола за оружје. Ако е, во втората фаза ќе треба да прибави други документи, како лекарско уверение, посетеност на обуки и слично. Со други зборови, со оваа алатка ги намалуваме чекорите, ги намалуваме трошоците и ја отстрануваме можноста за корупција“, потенцира министерот Тошковски.
Министерот за дигитална трансформација ја поздрави можноста МВР да ги дигитализира процесите и на граѓаните да им понуди дигитални услуги, кои ќе го штедат нивното време и трошоците, притоа употребувајќи ги националните ресурси ,како националниот портал uslugi.gov.mk, каде што, покрај сите достапни услуги за граѓаните, ќе биде достапна и оваа можност за аплицирање за дозвола за оружје.
„Освен националниот портал uslugi.gov.mk, овде ќе биде искористена и платформата за операбилност, каде што институциите меѓу себе ќе ги прибавуваат доказите и информациите за граѓаните, без граѓаните да имаат обврска да одат од шалтер на шалтер и да трошат дополнително време и ресурси“, истакна министерот Андоновски.
Министерот Андоновски ги повика граѓаните масовно да го користат порталот uslogu.gov.mk како за оваа услуга така и за сите други достапни на порталот и ги повика сите институции да работат на својата агенда за дигитализација и да им нудат на граѓаните дигитални услуги што ќе ги штедат времето и ресурсите на своите граѓани.
На настанот од страна на Одделот за информатичка и телекомуникации на МВР беше презентирана во живо постапката за аплицирање за дозвола за оружје.
Алатката ќе биде достапна преку веб-страницата на МВР и на националниот портал uslugi.gov.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата