Македонија
Голем дел од улиците низ Скопје утре по 16 часот ќе бидат затворени поради трка
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека утре со почеток во 16:00 часот, поради одржување на меѓународна ноќна атлетска трка „13 Ноември“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Настанот ќе се одвива со следната траса на движење: од Порта „Македонија“, преку плоштад „Македонија“, по ул.„Никола Вапцаров“, десно по ул.„Димитрие Чуповски“, до крстосница со ул.„Даме Груев“, полукружно назад по истата улица, во продолжение по ул.„11-ти Октомври“ до крстосница со бул.„Кочо Рацин“, полукружно назад по истата улица, десно по ул.„Филип Втори Македонски“, лево по пристапната улица на ГТЦ и десно до целта кај Порта „Македонија“ во Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Двајцата пациенти кои добија бубрег од починат донор закрепнуваат и се во добра состојба
Министерството за здравство информира дека двајцата пациенти кај кои беше извршена трансплантација на органи од починат донор се во добра општа состојба. Како што посочуваат, интервенциите се успешни, со уреден постоперативен тек и пациентите се веќе пуштени на домашно лекување.
-Двајцата пациенти кај кои беше извршена трансплантација на органи од починат донор се во добра општа состојба. Овие денови за нив се грижеа медицинските тимови на Клиниките за нефрологија, урологија и КАРИЛ. Им посакуваме успешно закрепнување, изјави проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за транплантација.
Како што посочуваат од Министерството, благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа.
-Огромна благодарност за сите медицински тимови и болнички координатори вклучени во трансплантацијата, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Македонија
Почна надоградбата на Основното Општинско училиште „Ацо Шопов“ во населбата Радишани
Почна надоградбата на Основното Општинско училиште „Ацо Шопов“ во населбата Радишани во Бутел. Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска го посети училиштето, изјави дека со овој проект ќе се олесни животот на бутелчани, но во исто време ќе се овозможат пристојни услови за школување.
-Секој еден нов проект што го создаваме од почеток претставува посебна радост и задоволство бидејќи тоа е она го очекуваат граѓаните од нас. Благодарност до Министерството за образование и наука, градоначалникот, советниците и администрацијата којашто неуморно работи во општина Бутел. Навистина се прават исклучително брзи и квалитетни чекори во насока на подобрување на условите за живот на нашите граѓани кога станува збор за образованието и науката, за школување и другарувањето на нашите најмили, децата, рече Мицкоски.
Тој посочи оти е убеден дека и во следниот период ќе има вакви проекти во државата.
-Ние како Влада ќе продолжиме да работиме, да создаваме бидејќи тоа е она за што отприлика пред шест месеци граѓаните ја дадоа довербата. Нема да шпекулираме, нема да се сведе нашата работа на дневна политика туку на создавање нови нешта, нови проекти, додаде Мицкоски
Македонија
Сиљановска Давкова донесе одлука за формирање на Совет за млади
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова донесе одлука за формирање на Совет за млади, како повремено работно тело кое ќе ги разгледува и анализира прашањата поврзани со младите, младинските политики и иницијативите кои произлегуваат од потребите на младите со цел да се унапреди нивната положба во општеството, сооппти нејзиниот кабинет.
Советот за млади, кој се формира во пресрет на 17 ноември, Меѓународниот ден на студентите, се состои од претседател и 19 члена, а во неговата работа можат да бидат поканети да земат учество и научни и стручни работници, претставници од научни образовни установи, младински и студентски здруженија, како и претставници на организациите на стопанствениците од земјата.
За претседател на Советот за млади е именувана Лина Рангелова, а за членови на советот се именувани Кети Костовска, претставник од Министерство за образование и наука, Кристина Антовска, претставник од Министерство за социјална политика, демографија и млади, Ивана Митреска, претставник од Министерство за спорт, Драгана Бојковска, координатор на Клуб за младински прашања и политики, Арта Ќерими, Александар Каратошо, Марија Крстева, Дамјан Коњановски, Филип Ивановски, Александар Николовски, Ива Трпески, Кристијан Лазарев, Дарко Трајкоски, Доан Сулејманоски, Греса Ќаил, Филип Ивковски, Елена Спасевски, Дениз Мифтари и Христијан Илиевски.