Свет
Германија ќе почне со испорака на 4.000 дрона со вештачка интелигенција во Украина од декември, пишуваат медиумите
Германија од декември ќе почне да ја снабдува Украина со 4.000 високотехнолошки беспилотни летала контролирани од вештачка интелигенција (АИ) и заштитени од уреди за електронско војување, кои веќе се користени во борбите на југот и на истокот на Украина, објавија денеска германските и украинските медиуми.
Германската компанија „Хелсинг“, која се занимава со вештачка интелигенција, годинава потпиша договор со Министерството за одбрана на Украина за набавка на 4.000 дрона, пишува „Билд“ повикувајќи се на изјавата на германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.
Писториус, по масовниот руски воздушен напад врз Украина во неделата наутро, изјави дека е среќен што испораката на овие дронови за напади со вештачка интелигенција ќе почне веднаш, пренесува агенцијата „Укринформ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се огласи Бајден по објавата дека и дозволил на Украина да користи американско оружје против цели во Русија
Американскиот претседател Џозеф Бајден зборуваше за прв пат откако медиумите објавија дека му дал дозвола на Киев да гаѓа руска територија со американски ракети.
Бајден ја повтори поддршката на американската влада за Украина на самитот на Г-20 во Бразил, иако директно не ја спомена одлуката на Украина да и се даде зелено светло за употреба на ракети со долг дострел.
„Сите ние мора да работиме на крај на конфликтите и кризите кои го поткопуваат напредокот во подобрувањето на безбедноста ширум светот. Соединетите Американски Држави силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Според мене, сите на оваа маса исто така треба“, рече тој.
Според написите на „Њујорк тајмс“ и изјавите на Ројтерс и други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден одобрила Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел ATACMS за напади на руска територија.
Свет
Најмалку осум мртви во тајфунот на Филипините, над 685.000 евакуирани
Најмалку осум лица загинаа на Филипините во тајфунот Ман-Ји, шестата голема тропска бура што го погоди архипелагот за еден месец, соопштија официјални лица.
Метеоролошката служба објави дека Ман-Ји, првично категоризиран како супер тајфун, ослабнал до силна тропска бура со максимални ветришта од 110 километри на час и налети до 135 километри на час додека се оддалечувал од Филипините.
Повеќе од 685.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови во североисточните провинции откако властите предупредија на потенцијално опасна за животот ситуација предизвикана од Ман-Ји, локално познат како Пепито.
Тајфунот собори дрвја и столбови за струја, однесе покриви, урна куќи направени од слаб материјал и предизвика поплави и бури, кои ги однесоа патиштата во крајбрежните заедници. Седум лица загинаа во лизгање на земјиштето во градот Амбагио во провинцијата Нуева Вискаја северно од Манила, соопштија властите за катастрофи.
Ман-Ји првпат падна на копното во источната провинција Катандуанес во саботата.
„Иако Пепито беше силен, ударот не беше толку лош како што се плашевме“, изјави за новинарите претседателот Фердинанд Маркос Јуниор.
Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Унијата мора да го прекине политичкиот дијалог со Израел
Главниот дипломат на Европската Унија, Жозеп Борел, денеска потврди дека ќе им предложи на земјите членки на блокот Унијата да го прекине политичкиот дијалог со Израел, а како причина ги наведе акциите на Тел Авив во војната во Газа.
„Многу луѓе се обидоа да ја запрат војната во Газа, тоа не се случи досега и не гледам никаква надеж дека тоа ќе се случи. Затоа мораме да извршиме притисок врз израелската влада и очигледно врз Хамас“, им рече Борел на новинарите пред состанокот на ниво на ЕУ.
Шефот за надворешна политика на Европа минатата недела предложи блокот да го прекине политичкиот дијалог со Израел наведувајќи ги можните прекршувања на човековите права во војната во Газа, според четворица дипломати и писмо до кое увид имал „Ројтерс“.
Холандскиот министер за надворешни работи, Каспар Велдкамп, рече дека ЕУ треба да го задржи својот дијалог со Израел сугерирајќи дека не сите членки на ЕУ ќе го поздрават предлогот на Борел.
„Што се однесува до Холандија, оваа врата треба да остане отворена“, рече тој.