Економија
Нема промена на цените на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,06 % во однос на одлуката од 11.11.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,720%, кај дизелот за 2,295%, кај екстра лесното масло за 2,704% и кај мазутот намалувањето е за 2,622%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 1,8115%.
Од 19.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,708 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,136 ден/кг и сега ќе изнесува 43,708 ден/кг, извести РКЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатата на заостанати субвенции продолжува, земјоделците нема да останат заборавени, велат од МЗШВ
Земјоделците нема да останат заборавени, исплатата на заостанати субвенции продолжува. Денеска се изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што појаснуваат, корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои пријавиле сертифицирано растително и сточарско производство и производство во преод согласно Законот за органско земјоделско производство или пак имаат земјоделски површини кои се наменети за зелено ѓубрење или угар во плодоред кој е во функција на органското производство.
Корисници на оваа мерка се и земјоделските стопанства/откупувачи и трговци запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи кои имаат произведено преработки од примарни земјоделски органски производи или производи во преод од домашно потекло или имаат извршено доработка и пакување на самоникнати видови со органско потекло и истите ги имаат продадено или пак вршат трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло.
Економија
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет
Зајакнување на комуникацијата и соработката од областа на макроекономските движења и макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали, коишто се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани. Ова се придобивките коишто се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, којшто го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев. На потпишувањето, присуствуваа и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и членовите на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети и проф.д-р Марина Трпеска.
Координацијата помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е од суштинско значење за постигнување долгорочна макроекономска стабилност. Фискалниот совет го следи спроведувањето на фискалните политики и фискалната одржливост, додека централната банка е засегната од влијанието на фискалните политики врз ценовната и финансиската стабилност. На средбата беше нагласена улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на институциите како важни фактори коишто придонесуваат за успешно остварување на целите.
„Независноста на Народната банка е исклучително важна за одржување на ценовната и финансиската стабилност во земјава. Според индексот на независноста на централните банки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа. Независноста на Народната банка, придружена од транспарентноста и отчетноста, ѝ овозможува на централната банка високо ниво на доверба од страна на јавноста. Поголемата независност на централните банки во периодот на неколку последователни кризи се поврзува и со преземените мерки за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека целта на двете институции е преку независни стручни мислења да придонесат кон обезбедување макроекономска стабилност.
На средбата беше истакнато дека споделувањето информации и анализи помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е предност при донесувањето одлуки засновани на податоци и факти, коишто придонесуваат за подобро согледување на целокупниот економски амбиент во земјата заради остварување повисок економски раст.
Економија
Станковиќ: Земјоделството ќе добие историска поддршка со новиот буџет
Новиот државен буџет за 2025 година ќе ни донесе енергија и напредок во сите сектори на општеството, но особено за столбот на нашата економија – земјоделството, изјави Малиша Станковиќ, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со гордост можам да кажам дека земјоделството ќе добие историска поддршка. За првпат, буџетот за земјоделство се зголемува за цели 13 отсто, а издвоените средства за програмата за земјоделство и рурален развој се зголемени за неверојатни 284 проценти! Дополнително, капиталните инвестиции се зголемуваат за 102 отсто“, изјави Станковиќ.
Како што додаде, ова е цврст доказ за посветеноста и партнерството на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со земјоделецот.